Економијата на здрави нозе - растот најбрз во Европа

Додека во Европа полека стигнува „економската пролет“, македонската економија цврсто стои на нозе и трасира пат за уште поголем раст. Според последната пролетна прогноза на Европската комисија, македонската економија ќе расте најбрзо во Европа и оваа и наредната година. Аналитичарите на ЕК очекуваат раст на БДП од 3,8 проценти во 2015 година, односно 3,9 отсто идната година, со што Македонија е на првото место во стариот континент, пишува Лидер.

Колку за споредба, Европската унија ќе има 1,8 проценти раст на БДП годинава, а само 2,1 отсто до година. Во рамки на Унијата, највисок економски раст се очекува да имаат Ирска и Малта.

Се очекува буџетскиот дефицит да падне од -4,2 отсто лани, на -3,8 проценти годинава, а идната година да достигне -3,6 проценти. Од друга страна, пак, јавниот долг на Македонија се очекува да продолжи да расте и годинава да достигне 29,1 отсто, а догодина – 40,5 проценти. Во споредба со европскиот просек од 60 проценти, Македонија сепак важи за ниско до средно задолжена земја.

ЕК најавува дека се очекува да продолжи да се намалува невработеноста во Македонија и од 28,1 отсто минатата година, годинава да достигне 27,4 проценти, а во 2016 година да се намали за уште еден процент и да изнесува 26,4 отсто.

Инвестициите и извозот- главни двигатели

Главни двигатели на растот во Македонија ќе останат инвестициите и извозот, сметаат аналитичарите. Растот на производството се зголемил во 2014 година, а предводен од извозот на странските инвеститори и инвестициите во јавната инфраструктура. Според, ЕК, голем дел од буџетот ќе се потроши за реализација на капиталните инвестиции.

-Годинава ќе има засилено темпо на странските инвестиции. Беа најавена над 25 компании  кои ќе инвестираат,  потоа засилено искористување на планираните капитални инвестиции од централниот буџет, кои водат кон засилена градежна активност која што е локомотива на економијата, смета професорот Томе Неновски.

Капиталните проекти исто така ќе влијаат врз растот на економијата. Државата е влезена во сериозен инвестициски циклус, кој опфаќа изградба на три автопати, магистрални, регионални и локални патни правци, изградба на железницата и на гасоводниот систем, вложувања во образованието и во здравството, а во реализацијата на овие проекти се ангажирани голем број домашни фирми и домашни работници.

Во извештајот се нотира и дека солидната добивка во потрошувачката на домаќинствата дополнително ја зголемува домашната побарувачка.

-Растот на БДП, привлекувањето СДИ, отворањето нови работни места влијаат на зголемувањето на побарувачка на труд, за формирање маса на средства кои ја поттикнуваат потрошувачката, а тоа влијае на зголемување на производството, за нови вработувања, за позитивни трендови во економијата, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Традиционалната индустрија се враќа

Утре НБРМ треба да ги објави новите прогнози за економските движења во земјава. Според најавите, има нови моменти во економските фактори, како и позитивни ветришта од заживувањето на европската економија, која е тесно поврзана со македонската. Сепак, нови моменти има во политичката ситуација во земјава, кои се ризик фактор и можат негативно да влијаат врз движењата на економијата.

-Главните двигатели, покрај оние што беа минатата година, очекуваме засилување и на ефектот од традиционална индустрија, односно од традиционалните сектори. Значи, покрај странските директни инвестиции, којшто минатата година почнаа засилено да растат и традиционалните оваа година веќе треба да го преземат приматот, како носители на растот, изјави неодамна гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Надлежните очекуваат позитивниот тренд за раст на економијата да продолжи и во идниот период, паралелно со растот на инвестициската активност.  Се очекува и релоцирање на капиталот, особено странскиот, и тоа во помалите општини, со цел да се постигне рамномерен економски развој.

 

 

Оцени ја веста

06.05.2015 - 09:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега