Истражување: Kај 56 отсто од случаите со респираторни проблеми непотребно се пропишуваат антибиотици

Истражувањето спроведено од страна на Здружението на специјалисти по семејна медицина и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје покажува дека кај дури 56 проценти од случаи на респираторни проблеми кај пациентите се забележува непрописно препишување на антибиотици, без притоа да се спроведат потребни дополнителни анализи.

Резултатите од истражувањето спроведено во ноември минатата година во кое биле опфатени 107 лекари од примарната заштита со обработени 4.569 пациенти со епизоди на акутна респираторна инфекција беа презентирани во рамки на Првиот симпозиум за рационална употреба на антибиотици на ниво на примарна здравствена заштита во Македонија, што во организација на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група, Центарот за семејна медицина и Меѓународната респираторна група се одржува во Охрид.

Kоординаторot на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, Катерина Ставриќ истакна дека собирот се организира во рамки на проектот за проценка на нивото на препишување антибиотиците на ниво на примарна здравствена заштита.

- Слична студија е правена одамна, така што немаме податоци што реално се случува на терен. Ние знаеме дека многу се препишуваат антибиотици, но кои се факторите, причините, како од лекарите и пациентите, што влијаат толку да се препишуваат антибиотиците, појасни Ставриќ.

Таа нагласи дека од проектот произлегуваат препораките како да се избегне непотребно користење антибиотици, како во однос на лекарите преку доедукација при работата, но и потребата од дополнителни алатки, тестови што би ги обезбедил Фондот за здравственo осигурување, а би му помогнале на матичниот лекар да процени дали се работи за болести кои бараат третман со антибиотици.

Претседателот на Здружението на специјалисти по семејна медицина – респираторна група, Радмила Ристовска нагласи дека истражувањето покажува оти треба многу да се направи во поглед на едукација на населението и на лекарите, но одредени активности да се преземат и од надлежните институции.

- Кај 15 проценти од испитаниците опфатени со истражувањето направени се дополнителни испитувања, но за жал анализите кои би можеле да помогнат во донесувањето на одлуката за употреба на антибиотици, не се на листата услуги што ги покрива Фондот за здравствено осигурување, што значи дека пациентите ги сносат трошоците. Пациентите бараат рано помош поради страв од компликации, а само во 5,1 отсто од случаите лекарите препишале антибиотик на инсистирање на пациентите, истакна Ристовска.

Кога станува збор за европските искуства, во светот се забележува тренд на намалување на препишувањето антибиотици. Преку организирани кампањи намален е процентот на користење антибиотици, но и со построги критериуми за препишување.

Студиите спроведени во Европа покажуваат дека во земјите на ЈИЕ многу повеќе се препишуваат антибиотици во споредба со нордиските држави.

- Анализите спроведени во Македонија обезбедуваат компаративни податоци што ќе обезбедат вклучување на македонските искуства во пошироките анализи, студии истражувања, а ќе ги определи и мерките како да се реагира во насока на намалување на непотребната употреба на антибиотици, истакна Жаим Кореира де Соуза, претседател на Меѓународната респираторна група за примарна здравствена заштита Жаем Коред Соза.

Тој ја нагласи и потребата од соработка на сите надлежни институции во државата во насока на придонесување кон светските заложби за справување со проблемот на прекумерната употреба и злоупотреба на антибиотиците.

Непотребното користење антибиотици неповолно влијае на здравјето на пациентите, а истовремено многу поштетна е т.н. бактериската резистентност, односно отпорноста на бактериите на антибиотиците.

 

 

Оцени ја веста

02.05.2015 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега