Бугарски интелектуалци дадоа поддршка за евроинтеграциите на Македонија
Десетина бугарски интелектуалци и политичари потпишаа писмо со кое бараат Софија да го поддржи почнувањето на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Писмото, како што пренесува бугарски БГНЕС, е испратено до претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев, до премиерот Пламен Орешарски и до претседателот на Народното собрание Михаил Миков.
- Имајќи го предвид историскиот момент за развој на Балканот како рамноправен дел од ЕУ, сметаме дека Бугарија носи огромна одговорност за мирот, безбедноста, развојот и перспективите на регионот. Категорично бараме Бугарија како суверена држава членка на ЕУ да ја поддржи Република Македонија за почеток на преговорите за пристапување кон заедничкото европско семејство, се наведува во писмото.
- Поддршката за Македонија е поддршка за демократизација на целиот регион. Бугарското НЕ за отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ е катастрофално за националните интереси на Бугарија. Ново НЕ за преговори е ДА за враќањето на регионот во времето пред 100 години кога Балканот беше буре барут на Европа, а Македонија јаболко на раздорот. НЕ на Република Македонија е ДА на воскреснувањето на ретроградните балкански национализми и шовинизми (Macedonia is Greek), кои немаат ништо заедничко со востановените цивилизациски принципи и норми во ЕУ. НE за Република Македонија е ДА на апертхејдот кон Бугарите кои живеат на територијата на Балканскиот Полуостров. НЕ на Република Македонија е ДА за положба на Балканот како второстепен регион во ЕУ. Последици кои се во интерес на секоја друга држава, но НЕ и на Бугарија. ДА за Република Македонија е ДА за Бугарија, на нашето нацинално достоинство, гордост и самопочит. ДА за Македонија е ДА за нашата национална безбедност и територијална целовитост. ДА за Македонија е ДА за нова европска Бугарија, за европеизација на Балканот, а НЕ за балканизирањето на Европа. Поддршката за Македонија за почеток на преговорите е европска, бугарска, национално одговорна позиција на Бугарија, се наведува во писмото од бугарските интелектуалци и политичари.