Иванов: Последиците од одлагањето на проширувањето ги трпи целиот Балкан

Македонија веќе 10 години се наоѓа во чекалната на ЕУ. Со одлагањањето на проширувањето Унијата нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов на отворањето на третиот Глобален форум што започна денеска во Баку, Азербеиџан.

- Наместо ветувањата од Солун дадени во 2003 за интеграција на целиот Балканот во ЕУ, во изминативе години имаме стагнација во проширувањето. Веќе 10 години Република Македонија се наоѓа во чекалната на Европската унија, не затоа што не ги исполнува условите за почеток на преговорите, туку поради блокадите на јужниот сосед. Одлагајќи го проширувањето, Европската унија како да ни ја одлага надежта. Одлагајќи ни ја надежта, Унијата нè демотивира и создава фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Како резултат на сето тоа, сега сме блокирани и поради последиците од наметнатата блокада, рече Ивснов.

Но, Македонија, вели тој, не е единствената што ги трпи последиците од одлагањето на проширувањето. Косово се соочува со масовни миграции, додека Босна и Херцеговина со нестабилност.

Според него, европската политика кон соседството е сериозно разнишана, и наместо очекувањата дека Источното партнерство ќе им помогне на партнерите да достигнат просперитет и да се приближат кон европските стандарди, денес, вели, имаме нов вооружен конфликт во Европа и состојба што потсетува на Студената војна.

- Наместо зацртаните цели на Евромедитеранската унија за Медитеранот како простор на мир, демократија, соработка и просперитет, се случи Арапската пролет што ја втурна Северна Африка во нестабилност. Јасно ни е дека Европската унија сè уште го бара своето вистинско место во меѓународниот поредок. Поради бавниот процес на носење одлуки и недостатокот од кохерентност, заедничката надворешна и безбедносна политика сè уште не го положи тестот на времето, оцени шефот на македонската држава.

Тој се осврна и на глобалните закани кои се вели и закани за ЕУ, бидејќи сè што се случува во кризните жаришта се рефлектира врз Европа, но и на фактот дека денес Европската унија, и Европа воопшто, не е ниту воена, ниту економска суперсила, но е дефинитивно суперсила на животниот стил и затоа, е посакувана дестинација на милиони луѓе од незападниот свет.

Претседателот Иванов посочи и на демографските предизвици со кои се соочуваат европските народи, како и на европската економска конкурентност во светски рамки, која навдува, сè повеќе зависи од имигрантите, кои најчесто се луѓе со различна етничка, религиска, јазична и културна припадност. За нивната интеграција смета тој, неопходен е одржлив модел на интегрирање на бројните имигранти, па можеби, наведува Иванов, во сегашноста на мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска Македонија се наѕира иднината на Европа.

- Европската унија, која е мировен проект, добро функционира во услови на мир, но не толку добро во услови на кризи и на конфликти. Одговорот на дилемата за Европската унија и за соседството лежи во самата Унија. Затоа, прашањето што треба прво да го одговориме е: Дали Европската унија има механизми да одговори на овие предизвици? Дали Европската унија може да продолжи да дава надеж за успех, и со тоа да биде двигател на просперитетот, заклучи Иванов.

На отворањето на форумот во Баку се обратија и претседателот на Азербеиџан Илхам Алиев, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, како и поранешниот турски претседател Абдула Ѓул.

 

 

Оцени ја веста

28.04.2015 - 18:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега