Канческа-Милевска се сретна со италијанскиот амбасадор Белели

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска имаше работна средба со амбасадорот на Италија во Македонија, Ернесто Масимино Белели.

Македонија и Италија негуваат одлични културни врски, кои, според двајцата соговорници, се потврдени со реализација на бројни активности и претставувања на македонската култура во оваа земја, но и со промоција на италијанските културни вредности пред македонската публика.

Канческа-Милевска , соопшти Министерството, на средбата информирала дека македонската култура во мај годинава ќе биде претставена на две значајни манифестации во Италија, меѓу кои и на Биеналето на уметноста во Венеција, како и на годинашното издание на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ која традиционално се одржува во Рим. Според неа, од големо значење за македонската култура е и оперското деби на Благој Нацоски во престижната оперска куќа „Скала“ во Милано, во улогата на Понг во операта „Турандот“. 

Италијанскиот амбасадор информирал дека до крајот на годината во Македонија ќе се реализираат неколку настани преку кои македонската публика ќе може да се запознае со различни културни содржини и проекти од Република Италија.

Тој најавил дека на претстојниот меѓународен саем на книгата во Скопје, на посебен штанд ќе бидат организирани промоции на дела на двајца еминенти италијански писатели, кои ќе бидат гости на оваа манифестација. Во мај во Музејот во Битола ќе биде организирана изложба на историски фотографии кои се однесуваат на Македонија и Италија, а предвидена е и реализацијата на третото издание на манифестацијата „Прозорец кон италијанскиот филм“.

На средбата, како што соопшти Министерството за култура, се разговарало за третото издание на регионалниот едукативен и филмски фестивал за деца и млади „Џифони – Македонија“, кој традиционално во Македонија се реализира во октомври, како и за македонското учество во рамките на овој светски реномиран фестивал кој во градот Џифони се одржува во јули.

Амбасадорот Белели потсетил на успешната промоција на Република Македонија во рамките на минатогодишното издание на Медитеранската берза за археолошки туризам во Салерно, во близина на археолошкиот локалитет Пестум, како и реализацијата на изложбата на ранохристијанските мозаици од Равена, чиј домаќин беше Археолошки музеј на Македонија

 

 

Оцени ја веста

23.04.2015 - 18:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега