Народен правобранител: Децата со воспитни прблеми се надвор од установите за згрижување

Јавните установи во кои се упатуваат и сместуваат децата и младите со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение не ја исполнуваат целта за која што се основани, констатираше денеска заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафова на тркалезната маса во ЕУ Инфо центарот за состојба и предизвици со децата и младинците со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение сместени во установи.

- Ова го потврдува тоа што голем број деца кои се упатени таму, наместо во установата, се наоѓаат надвор од неа подолго време или како што велат самите вработени се наоѓаат во бегство. Загрижувачки е податокот е дека тоа што го констатира народниот правобранител во голем број случаи е дека во овие установи не можеме да очекуваме со ваквата состојба каква што е, како во делот на сместувачките капацитети така и во делот на работата на стручните тимови, нивната екипираност дека можат да ја дадат целта, превоспитно да делуваат на младите и децата со цел да го подобрат нивното однесување, истакна Бајрамовска-Мустафова.

Од увидот на досиејата на децата, кои што се упатени и сместени во установите, според Бајрамовска-Мустафова, констатирано е дека не е мал бројот на случаите каде што од можни 700 дена, само 30 дена децата да бидат во установата, а останатите денови да се во бегство.

- Имаме случаеи каде што децата се пуштаат на таканаречен домашен процес на адаптација, што значи дека во тој момент тие се наоѓаат дома, не се во установата иако се водат во установата, и во тој поглед прекинати се сите превоспитни активности како што е образованието и други активности, додаде Бајрамовска-Мустафова.

Таа го потенцираше проблемот со установите особено со ЈУ Заводот за згружување, воспитување и образование на деца и млади „Ранка Миловановиќ“ каде што нема услови за воспитување  и социјализација на децата.

Виолета Масевска од  ЈУ Заводот за згружување, воспитување и образование на деца и млади „25 Мај“ меѓу другите проблеми со кои се соочуваат центрите, предупреди на проблемот со сместувањето на децата каде не се внимава кои деца со какви проблеми и во кои установи се сместуваат. Како најголем проблем, Масевска го потенцираше сместувањето на деца со психијатриска дијагноза за што установите во Македонија, како што рече, немаат стручен кадар што ќе им помогне за подолг период на тие деца.

Весна Милосављевиќ од  Заводот „Ранка Милановиќ“ потенцираше дека установите се соочуваат со пораст на тешки кражби, разбојништва и полови напади што ги извршуваат децата.

- Имаме пораст на инцести и зависници. Најмалиот зависник на дрога е на седумгодишна возраст, ова е податок кој не смее да се занемари. Расте бројот, расте патологијата и ако не се освестиме не можеме да понудиме решенија, истакна Милосављевиќ.

Додаде дека децата се соочуваат со проблемот од недоволно образование. Таа даде пример каде осумнаесетгодишник бил принуден да учи материјал од прво одделение. Милосављевиќ го посочи проблемот и со здравственото осигурување на децата каде многу често се случува по две промени на матичниот лекар во една година  тие да немаат право на трет избор.

На тркалезната маса учесниците говореа и за улогата на полицијата во практичната примена на Законот за правда на децата и улогата на полицискиот советник за семејно насилство и малолетничка деликвенција, како и за соработката на меѓуопштинскиот центар за социјални работи со установите за згрижување на децата и младинците со воспитно-социјални проблеми

 

 

Оцени ја веста

22.04.2015 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега