Димовски: СДСМ со истото сценарио како и во 2001 се обидува да дојде на власт

Како и многу пати досега во минативе 10-15-20 години, за жал повторно се соочуваме со еден политички судир којшто е за жал реалност на македонската политичка сцена, истакна пратеникот Илија Димовски на вчерашната трибина во Делчево.

-Денеска за жал повторно се соочуваме со судир којшто значи судир на конструктивните патриотските и прогресивните сили од една страна, претставени во ВМРО-ДПМНЕ, во Коалицијата за Македонија, во Владата, и од друга страна негативните, деструктивни политички сили коишто во минатите 20 години освен штета немаат ништо друго направено за Република Македонија, претставени во СДСМ, нивните неколку коалициони партнери, нивниот сегашен и нивниот поранешен лидер, рече Димовски.

 Како многупати досега, потенцира Димовски, секогаш кога ќе помислиме дека работата треба да тргне на добро, кога ќе видиме дека почнуваат да се градат патишта, да се подобрува економијата, да се градат фабрики во многу градови во Македонија, да се подобрува состојбата кај земјоделците благодарение на државните субвенции, кога ќе видиме дека се намалуваат цените на лековите, се зголемуваат пензиите, се зголемуваат платите кај вработените во Армијата, во полицијата, во здравството, образованието, кога ќе видиме дека конечно после 15 години бројот на вработените се зголемува, почнуваат да се набавуваат возови првпат по 40 години, се намалуваат придонесите, даноците, се набавуваат противпожарни авиони, возила за брзата помош, се набавуваат возила за полицијата, се градат театри, се инвестира во бесплатно образование за учениците, имаме бесплатни учебници, партиципацијата на факултетите драстично се намали, која беше до 2000 евра во време на СДСМ сега е 200 до 400 евра, кога ќе видиме дека се преведуваат учебници за високото образование, кога ќе видиме дека се градат градинки, се реконструираат училишта, се реконструираат болници, се набавува нова медицинска опрема за болниците.

-И секогаш тогаш се појавува истото сценарио претставено во истите ликови во Македонија, сценариото кое и зошто сега, сценариото кое е исто како во 2001 година. Истите ликови. До денеска беа Верушевски, СДСМ, Петковски, уште неколку нивни поддржувачи кои и денеска и тогаш беа најгласни мегафони на СДСМ. Од денеска тимот се комплетираше, од денеска и Црвенковски се приклучи со прокламација дека дава поддршка на едно вакво сценарио. Сликата е иста. Како и во 2001 година пред да започне воениот конфликт во Македонија, така и денеска. За жал за овие луѓе поминатото време од 13-14 години ништо не значи, многуте пропуштени шанси кои ги имаа, во кои ништо добро не направија за државата, напротив, од нивното време паметиме само штета за државата и граѓаните. Не им значи тоа што стопати дадоа ветување и стопати излажаа. Не им значи тоа дека поделиле 120-150.000 државјанства за да победат на изборите во 2004. Не им значи ништо дека отстапиле од државните и националните атрибути на македонската држава, ни на референдум, ни во Собрание. Не им значи што затворија над 680 фирми и фабрики. Не треба тука да ве потсетувам во Делчево на Пирин, Сандански, на Фротирка и на сите други фирми, рече Димовски.

Тој изјави дека само во Делчево во три години, 1995, 1996, 1997 година околу 3.000 луѓе останаа без работа.

-Не им значи нити ТАТ, нити неисплаќањето на старите девизни заштеди, пропаднатите агрокомбинати кои беа движечка сила на македонското земјоделие. Не им значи ништо ниту атентатот врз едниот претседател, нити паѓањето на авионот на другиот претседател коишто се случија во нивно време. Не им значи ни лажното ветување дека ќе вработат по еден вработен во секоја фамилија, не им значи ни катастрофалната, стратешки погрешна одлука за Законот за територијална поделба, не им значи ништо нити отпорот против Референдумот за територијалната поделба, не им значи нити Струга, нити Кичево, насилствата кои ги правеа врз граѓаните во Република Македонија кои било кога во нивно време се одлучија да протестираат. Тие коишто ја раководеа полицијата, Владата и државата долги години, денеска зборат за слобода и за демократија. Ќе се сетите на 1997 година кога сакаа да ја скријат девалвацијата на денарот заради тоа што не знаеја како да ја водат македонската економија, кога испровоцираа меѓуетнички конфликт во Гостивар и во Тетово. Направија конфликт со припадниците на албанската етничка заедница во Гостивар и Тетово само да ја прикријат девалвацијата на денарот истиот ден, истиот час. Беа спремни и тогаш да направат конфликти и проблеми само и само нивната позиција да ја обезбедат, рече Димовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека работата е дојдена до таму што се закануваат со насилство, со напад врз институциите, а нивниот лидер Заев се закани и со крв.

-Дали има нормален човек во оваа држава, без разлика дали е член на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛДП, ДОМ, ГРОМ или воопшто не е член на ниту една политичка партија да стане и да каже дека оправдува насилство и крв за остварување на болни, политички амбиции на неуспешни политички партии. Дали сакаат заради својата политичка амбиција да создадат конфликт помеѓу комшии, братучеди, браќа, пријатели. Сите ние живееме нормално, со луѓе кои се или членови на ВМРО, СДСМ или поддржувачи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и помалите партии или не се членови и поддржувачи на ниту една партија, но одвреме-навреме одлучуваат да гласаат за едните, другите или воопшто да не гласаат, рече Димовски.

Во моментот кога гледаме изградба на три автопати во Македонија, автопатот Штип-Скопје, Демир Капија-Смоквица и Кичево-Охрид, кога се градат магистрални патишта со четири ленти, кога се најавени реконструкција и проширување на неколку патни правци, изградба на пат со 4 ленти Градско-Прилеп, реконструкција на патот Битола-Буково, во моменти кога во поголем дел од поголемите градови во Република Македонија веќе се изградија, стартуваа со работа или се градат нови фабрики, во моменти кога многу наши сограѓани најдоа свој ангажман преку земјоделието и субвенциите, кога се намалуваат цените на лековите, се покачуваат социјалната помош, пензиите и платите, тогаш овие политичари кои многу пати нанесоа стратешка штета на Република Македонија одлучуваат повторно да играат по старите сценарија.

-Зошто, заради тоа што Зоран Заев, Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска, Тито Петковски, Андреј Жерновски се свесни ако оваа Влада го истера цел свој мандат со ова темпо на работа, со ова темпо на резултати и успеси, со ова темпо на вработување на луѓе и градење на патишта, тие на изборите во 2018 година не само што нема да победат, туку ќе изгубат со поголема разлика од тоа што изгубија пред една година. Тие се свесни и знаат што значат овие придвижувања во македонската економија и инфраструктура.

Овие луѓе од другата страна се решени да направат дестабилизација на државата, се решени да го нарушат меѓународниот углед на државата, креираат неточни извештаи и медиумски натписи, се надеваат дека ќе успеат да ја изманипулираат меѓународната јавност.  Се надеваат дека ќе креираат впечаток на дипломатите во Скопје, Брисел и другите центри на моќ во светот со кои ќе ги излажат и привлечат на своја страна, затоа што и СДСМ се свесни дека ја немаат мнозинската поддршка од граѓаните. Гледате дека за жал како и во минатото почнуваат да си играат со меѓуетничките теми. Пак провоцираат, продуцираат, напаѓаат, прават кавги. Се надеваат дека судир од било каква форма, политичка, етничка, религиска, која би одела на линија на различните етнички заедници во Македонија ќе продуцира пад на оваа Влада, рече Димовски.

 

 

Оцени ја веста

21.04.2015 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега