Готови тестовите за туберкулоза во ОУ „Васил Главинов“ - што покажаа?

 

Негативни се сите досега направени тестови за туберкулоза на учениците и наставниот кадар во ОУ „Васил Главинов“ во Општина Чаир кои биле во контакт со заболената наставничка. Негативни се и тестовите на членовите на семејството, пренесува МИА.

Контролните прегледи ќе продолжат од вторник кај сите за кои епидемиолозите ќе проценат дека има потреба, информираа денеска надлежните институции од каде уверуваат дека се преземаат сите мерки за безбедност на учениците и вработените.

За заболената од туберкулоза предметна наставничка ќе биде издадено решение за времено остранување од работа се додека трае лекувањето односно не биде приложен негативен резултат. Наставата во училиштето, според раководството, се одвива без прекини и проблеми. 

- Радува фактот што сите од учениците што поминале на тестот се негативни. Процесот на наставата се одвива нормално и не треба да има паника. Веднаш кога дознавме за наставничката е најдена замена и наставата се одвива без проблеми, изјави директорот на ОУ „Васил Главинов“ Ќамуран Кучи.

Според Кучи, учениците се испраќаат на тестови одделение по одделение зависно од распоредот што го добиваат од надлежните здравствени установи.

- Тестовите на уште две одделенија ќе продолжат од вторник по што ќе видиме дали ќе одиме со првачињата и вторачињата, наведе Кучи, посочувајќи дека  заболената наставничка е прв регистриран случај на туберкулоза во ОУ „Васил Главинов“. 

Од Државниот здравствен инспекторат велат дека извршиле вонредна контрола во „Васил Главинов“ на 8 овој месец по информација од Центарот за јавно здравје Скопје. Од Антитуберкулозниот диспанзер од Здравствен дом Скопје при Поликлиниката Бит пазар на 25 март испратиле известување до  училиштето дека се работи за заразно инфективно заболување и оти треба да се реализираат контролни прегледи. 

- Потврдено е дека хигиенските услови  во училиштето се добри и оти се користат дезинфекциски средства. На 9 април  Центарот за јавно здравје реализирал дезинфекција на 1.500 метри квадратни простории во училиштето, изјави директорот на ДЗСИ Џевдет Шакири.

На новинарско  прашање дали заболената наставничка и учениците во се вакцинирани, Шаќири рече дека се работи за стандарден протокол за ТБЦ контакти.

- Надлежниот Центар за јавно здравје Скопје, Здравствен дом на Скопје и АТБ диспанзерот  во овој домен ќе направат се што е во нивна надлежност и ќе проверат. Во РМ важи календарот за вакцинација и тоа ќе се провери комплет  во сите сегменти, наведе Шакири.

 

 

Оцени ја веста

11.04.2015 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега