Зошто Зоран Заев бара од обвинителството да се прекине процесот?
Откако започна акцијата „Пуч“, а Јавното обвинителство почна да го гради предметот против четворица, меѓу кои и поранешниот прв разузнувач и лидерот на опозицијата, а потоа уште зa двајца вработени во службите, Зоран Заев посочува дека не постојат докази, дека „вистината“ е на нивна страна, дека не се заканувал на премиерот дека соработувал со странски служби, дека нема странци во случајот, дека не се познава со обвинетиот Зоран Верушевски, дека луѓе- патриоти му ги дале снимките, дека тие му рекле дека „ќе се фрлат од петти спрат“, пишува Република.мк.
Потоа Заев полека, но сигурно, ги признаваше еден по еден од доказите кои што истекуваа во јавноста. Го призна разговорот во премиерскиот кабинет, каде вели дека соработувал со странски служби, а и каде признава и дека знаел од анкетите дека ќе загуби 200 илјади разлика на изборите.
Потоа призна дека го познава Верушевски и дека не само што го познава, туку и дека се допишувал со него. Па и дека му набавувал компјутери и автомобили на семејството, „за да им помогне во неволја“. Признавајќи го писмото, напишано на рака, ги призна и контактите со странска влада, како „пријатели од надвор кои чекаат“.
Потоа Заев за добиените материјали велеше дека се од луѓе, патриоти, добротвори, херои, кои заслужуваат стоечки овации, за денеска да се откаже како Јуда од нив, велејќи дека не ги познава.
Во меѓувреме, Заев беше на слобода, но без пасош, а пред очи му беа информациите за доказите против првоосомничениот Зоран Верушевски. Заев знае за фатената дешифрирана комуникација меѓу Верушевски со двајцата „снимачи“ на разговорите. Заев знае за признанието на двајцата во кое стои дека снимале по налог на Верушевски за странски служби што било доволно да помислат дека ништо нема да излезе во јавност. Заев знае и дека за едниот од нив веќе има пресуда по признание на делото.
Заев е свесен и веројатно му ѕвонат во уши дешифрираните смс- пораки меѓу семејството Верушевски, за тоа како си добиле компјутери или како некој ќе „вози нова кола, хахаха“, исто како пораките меѓу „Оркестар11“ и „Кока кола 10а“ дека „му дал се на идиотот“.
Заев знае и за исходот од деветчасовниот распит на Зоран Верушевски, во кое поранешниот разузнувач смета дека не е тој виновен што „МВР не го обезбедил системот“.
На сето ова, Зоран Заев денеска лично кажа дека очекува „Обвинителството, ценејќи ги сите докази, ценејќи ги сите искази коишто се дадени од сите учесници во постапката, ќе го прекине процесот кој што се води против Зоран Заев, Зоран Верушевски и другите двајца осомничени“.
Доколку некој навистина смета дека погоре напишаното не е точно, дека „вистината“ е на негова страна, дека нема докази кои посочуваат кон Верушевски, Заев и другите обвинети во „Пуч“- тогаш не би му било проблем да влезе во судница и да го добие случајот. А доколку се сомнева во судството откако ќе го загуби процесот, тука се и правните лекови како Апелација, па и Меѓународниот суд во Стразбур.
Но, на крајот на денот, Заев сепак знае дека лидерската позиција не е чадор за криминал. А и помилувањата се ограничени, пишува Република.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа