Канческа - Милевска во работна посета на Париз
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска викендов ќе престојува во работна посета на Париз, Франција, каде ќе го посети Меѓународниот град на уметностите и ќе се сретне со генералниот директор на оваа реномирана културна установа, Жан Ив Лангле.
Во рамките на Меѓународниот град на уметностите во Париз, е основано и ателје на Република Македонија каде повеќе од 80 реномирани македонски ликовни и музички уметници, со поддршка на Министерството за култура, изминативе 12 години имаа можност да остварат двомесечен студиски престој во светската метропола на уменоста, да разменат искуства и да остварат контакти и соработка со релевантни галерии и институции. На средбата, министерката за култура Канческа-Милевска и генералниот директор Лангле, меѓудругото, ќе разговараат и за можностите за продлабочувањето на соработката помеѓу Министерството за култура и Меѓународниот град на уметностите.
Во недела, пак, во една од најпрестижните сали во Париз, Театарот Ле Палас, министерката Канческа-Милевска, во присуство на бројни гости, дипломати, претставници на УНЕСКО и Францускиот институт од Париз, ќе се обрати на отворањето на јубилејното, петто по ред, издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа „SEE a Paris”, кој од 12 до 16 април се одржува во француската метропола. На програмата на ова јубилејно издание кое е во организација на асоцијацијата SEE a Paris и Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје, под патронажа на УНЕСКО и во партнерство со Монтенегро Филм Фестивал и повеќе европски и регионални институции, пред француската филмска и културна јавност ќе бидат презентирани најновите филмски остварувања на 12 земји од Балканот, како и неколку филмови од Република Македонија. На церемонијата на свеченото отворање, ќе бидат доделени и неколку почесни награди, меѓу кои наградата за најдобар актер во југоисточна Европа, ќе му биде врачена на светски реномираниот актер Раде Шербеџија.
Во рамките на манифестацијата, по свеченото отворање, премиерно пред париската публика ќе биде изведена и современата балетска претстава „14 часа“, во режијата на Наташа Поплавска. Гостувањето во Париз на една од најгледаните балетски продукции на Македонската опера и балет, следи по мошне успешното претставување на ова балетски дело во Рим, Виена и Сараево.
За време на престојот во Париз, министерката Канческа-Милевска, предвидено е во седиштето на УНЕСКО да оствари работна средба со генералниот директор на оваа меѓународна организација, Ирина Бокова. На средбата ќе стане збор за досегашната соработа но и за останатите активности помеѓу Република Македонија и оваа еминентна организација, соопшти денеска Министерството за култура.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа