Фејсбук страната „ИнфоЗдравје“ со препораки за навремено откривање и лекување на хламидија

На официјалната Facebook-страница на Министерството за здравство, ИнфоЗдравје, денеска е споделена вест со препораки за навремено откривање и лекување на хламидија. Според податоците од Институтот за јавно здравје, изминатите неколку години се регистирани околу 600 случаи на хламидија годишно на територијата на цела држава, додека пред десетина години се регистрирале само по 60-тина случаи годишно.

Хламидијата е честа сексуално пренослива инфекција предизвикана од бактеријата Chlamydia trachomatis. Инфекцијата се пренесува за време на незаштитен сексуален однос и истата може да предизвика инфекции и кај мажите и кај жените. Според статистичките податоци, во светски рамки 1  лице од 15 сексуално активни лица ја има оваа инфекција, а најголем број се лица на возраст под 25 години.

Инфекцијата понекогаш поминува без симптоми, но можно е да биде проследена со сериозни и тешки последици на репродуктивните органи кои резултираат со неплодност.  Кога ќе се дијагностицира, хламидијата лесно се третира и излекува.

Хламидијата е позната како “тивка” болест,  имајќи предвид дека 75-80% од жените и 50% од мажите кои се инфицирани немаат никакви симптоми. Кај жените, бактеријата го инфицира грлото на матката и мочниот канал. Жените кои имаат симптоми може да имаат абнормален вагинален исцедок или чувство на печење додека мократ. Доколку инфекцијата се прошири од грлото на матката до јајцеводите, кај некои жени може да се јави болка во долниот дел на стомакот или грбот, гадење, покачена телесна температура, болки при сексуални односи или крварење меѓу два менструални циклуси. Компликациите кај мажите ретко се појавуваат, но доколку се појават предизвикуваат болка, покачена телесна температура, а во ретки случаи и неплодност.

Раната детекција на бактеријата е од витално значење, со цел превенција на сериозните последици од инфекцијата. Вообичаено, откако ќе се детектира, оваа инфекција лесно се третира и излекува со антибиотици.

Примарната превенција од инфекцијата со хламидија е насочена кон едукација на населението за практикување сексуални односи со заштита, со цел спречување на појава на хламидија и други сексуално преносливи инфекции.

Секундарната превенција е насочена кон навремено откривање на присуство на хламидија и нејзино навремено и соодветно лекување.

Согласно препораките на Светската здравствена организација, превентивен преглед за хламидија се препорачува за групи со ризично однесување, како и  за млади под 25-годишна возраст. Посебно се препорачува на сите жени кои планираат да забременат, претходно да направат микробиолошки прегледи, вклучувајќи и  тест за хламидија, имајќи предвид дека според медицинските докази нетретираната инфекција со хламидија кај бремената жена може да доведе до предвремено породување.

 

 

Оцени ја веста

03.04.2015 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега