Презентација на израелски експерт за висока технологија

Израелскиот експерт за фондови за висока технологија Јакоб Фас вечер во бизнис-салата на Скопски саем ќе одржи презентација на тема „Високата технологија во Израел и како да се имплементира во Македонија“. Настанот ќе го организира Македонско-израелскиот бизнис-клуб во соработка со амбасадорот на Израел во Македонија Дан Оријан.

- Присутните на настанот ќе имаат можност за активно вклучување во дискусијата која ќе следи по презентацијата на експертот, како предфаза на имплементација на поширока идеја насочена кон поставување македонски фонд за вложувачки капитал, во соработка со израелската страна, поставување систем на технолошки инкубатори и стимулирање на македонскиот старт-ап сегмент, со можност за соработка и заедничко вложување со израелски старт-апи, соопшти организаторот.

Јакоб Фас е познат израелски експерт од областа на менаџментот, маркетингот и дипломатијата, со богато меѓународно искуство од државниот, јавниот и приватниот сектор и оснивачки капацитети. Работел како советник на странски владини институции и израелски дипломатски мисии во повеќе држави во светот и бил прв израелски амбасадор во Тајван.

Во Израел извршувал повеќе раководни функции, претставник или претседател на израелски компании од областа на инфраструктурата, телекомуникациите, енергетиката, медицината, авијацијата, софтверот. Исто така, основач е и/или претседател на билатералните комори на Израел со Тајван, Кореја, Јапонија, Австрија и Чешка. Автор е на повеќе книги за бизнис развој во меѓународни рамки.

На настанот ќе се обратат  амбасадорот Дан Оријан и претседателот на Македонско-израелскиот бизнис-клуб Дејан Дејанов, а ќе присуствуваат претставници од државни институции, дипломатскиот кор, стопански комори, високообразовни установи и приватни компании, експерти и иноватори.  

Македонско-израелскиот бизнис-клуб е билатерална организација одговорна за унапредување на економската соработка меѓу двете држави. Постои четири години и досега има организирано повеќе активности, меѓу кои неколку меѓународни бизнис-настани. 

 

 

Оцени ја веста

01.04.2015 - 09:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега