Овој пат нема да има амнестија за медиумските учки!

Да почнам каде што застанав минатата недела. Да му одговорам на Ерол Ризаов, кој нема сеќавање за сопствената дружба со Зоран Верушевски.

Не знам додуша што подразбира тој под запознавање со некого, ама има несоборлив доказ дека додека како главен уредник го потпишуваше „Утрински весник“ излезе текст во кој Верушевски порачува: „Ако не ми го оставите семејството на мир, ќе прозборам“. На 29 декември 2005 година „Утрински“ осамна со насловна страница со наслов „Верушевски најави хаос во државата“. И Ерол и неговите колеги убаво се сеќаваат дека разузнавачот изјави оти ќе прозбори ако не му ги остават на мир синот и семејството. Оти многу знаел. Потоа, на 17 јануари 2006 година следува напис „Верушевски побара заштита од Прчевски“, па потоа следува коментар на Борис Георгиевски, озаглавен како „Опасни закани на Верушевски“, а сето ова како реакција на објавувањето на „швајцарските сметки“ на Бранко Црвенковски и Хари Костов во тогашниот „Фокус“.

Што се однесува до преостанатите негови инсинуации, дисквалификации, етикетирања и ставови, нема да влегувам во материјална расправа со Ризаов оти господинот, сериозно разјаден од сопствената егоманија, нема да разбере ни десеттинка од она што би му го кажала. За среќа, одамна имам разбрано дека живееме во паралелни светови. Сполај му на бога! На пример, за разлика од него, јас добро се сеќавам дека за случката со Верушевски имам пишувано во „Фокус“, во кој тогаш работев, значи, ова што го напишав минатиот петок не е првпат, но поради актуелниот пучистички скандал, сега предизвикува поголемо внимание. Ама затоа сега првпат добивам чист доказ дека Ризаов, кој неодамна јавно (бесрамно, се подразбира) го оплакуваше Никола Младенов како голем новинар и деец, никогаш во својот професионален живот не го есапеше повеќе од, да речеме, живиот Миленко денес. Се разбира, гледано од ракурс на човек што страда од хронична мегаломанија (демек, бил од беговско семејство, што во неговата потсвест му доаѓа нешто како сертификат за аристократ што на свој имот е принуден да живее со раја).

Ерол не го есапеше „Фокус“ за сериозен новинарски производ, па не го ни земаше во раце, а камоли да го чита. Тој во она време не би облекол ни во лудило маица со порака „Слобода за Младенов“. Напротив! Тој отсекогаш се чита и слуша само себеси, и кога е пијан ко земја и кога е полубуден мамурлија. Да го читаше, ќе видеше зошто ме викнал Верушевски токму мене. И не ќе мавташе со тој „инкриминирачки доказ“ изведен преку инсинуација произведена во мозочето на злобна малограѓанска „профуќњача“ заглавена во ментален климактериум. Попрво, да имаше функционален мозок способен да мисли, ќе се прашаше зошто втор избор на Верушевски бил токму весникот во кој тој е лидер. Да не ги вовлекувам сега непотребно во расправава Црвенковски и Костов како заинтересирана страна во скандалот со „швајцарските сметки“, ама и со разузнавачот Верушевски. Сепак, во 2005 година „несериозниот“ „Фокус“ не дозволи да биде изманипулиран во полза на сензационализмот и политичкото подземје. Додека „сериозниот“ „Утрински“, ете, успешно соработуваше во пласирање уцена и уценувач на јавна сцена, а во предвечерието на изборите во 2006 година. И тоа е непобитен факт. 

Со Ерол толку засега. Оти не е само тој за стручна опсервација. Една по една почнаа да излегуваат на виделина сериозни психолошки состојби на фронтот во новинарската војна што избувна по „Пучот“. И во оваа пригода ќе ве потсетам на визионерскиот говор на Ноам Чомски на светската новинарска конференција одржана во Сеул (Јужна Кореја), во 2011 година. Предвиде дека новинарите во иднина ќе мора пред адхок-трибунали да одговараат еднакво како и политичарите и армиите за злосторства против човештвото, оти, наместо да информираат објективно, ја заменија професијата со пропаганда. Ги нарече новинарите маринци (морнаричка пешадија). Ги оцени како логистичари и претходница на завојувачките армади. Колку што гледам, таму сме. Ја презедовме функцијата на институциите. Обвинуваме, судиме и осудуваме по кратка постапка. Слободно ем демократски. По евроатлантски стандарди. А после? Е, после ќе плачеме дека не сме знаеле, дека нѐ злоупотребиле, нѐ лажеле.

Аналогно, сме биле жртви. Како што е познато, во „новинарската заедница“ претставена од ЗНМ и новоформираниот „новинарски пленум“ владее општо уверување дека новинарот е во право дури и кога ќе засере дебело. Во името на својата апсолутна слобода и слободен избор да го контролираат спонзори. Македонскиот новинар во овој светоглед е трајно дефицитарен од лична одговорност. Што е симптом на збунет пубертетлија под дејство на хормонски дисбаланс. Неојакобинецот Зоран Димитровски-Жоро слушам веќе ја напишал и платформата на својата идна акција „слобода за новинарскиот пленум“, спакувана во предлог-мерки за излез од кризата во која нѐ турна СДСМ со бомбашкиот напад. За оние што не разбрале, да појаснам дека другарот Жоро предлага општа амнестија за вмешаните во бомбашкиот напад и исклучиво политичка разврска. Жртвите, населението во Македонија, кое и со овој предлог е истретирано како стока што пасе сенешто, не се земени предвид. Разбира се, зашто Жоро и во оваа акција влегува мислејќи само на нив и за нивно добро. Па да! Не е тој Орце Николов или Мирче Ацев, па да загине од себични побуди! Пред да почнам да се исчудувам на растегливите идеолошки капацитети на вегетаријанецов со јакобински нагони, се прашувам каква ли врска има неговиот „миротворен“ предлог со минатонеделниот брифинг-состанок на британскиот амбасадор што службува во Македонија со „независниот“ медиумски сектор? Оти разбрав од еден од присутните новинарски марионетки дека на таа средба инструкциите на Британецов биле недвосмислено јасни (приближно како кога неговиот претходник јавно му даваше насоки за работа на политичарот Кастриот Хаџиреџа) и гласат: „Пучот“ во никој случај не смее да добие правна, односно институционална разврска. Наредбата до перјаниците на новинарскиот пленум сосема „случајно“ доаѓа по средбата и распитот на Груевски во НАТО токму со американскиот и британскиот амбасадор, а во присуство на генсекот на воениот сојуз. Во политичкиот толковен речник ова се чита како средба за утврдување евентуална штета и почеток на преговори за висината и нивото на обесштетување. А бе, што да се лажеме, падна прва рунда ценкање на фатените со смкнати гаќи служби на водечки западни држави (божем пријатели на Македонија), кои активно работат на дестабилизација и уништување на Македонија преку преврат или фингирана пембе-револуција. И сосема „случајно“ во медиумскиот простор на државава вчера беше активиран и првиот „медиумски доброволец“ на Обединетото Кралство што дејствува од Романија, некојси спонзориран авантурист Руперт Волф Муреј, кој Македонија ја изрекламира како мафијашка држава. Нормално, Скопје и овој пат не куртули. Прво било депонија, а сега е кичерај. Идиот! И тој и налогодавците му.

Само последниве 24 години оваа Македонија собра непроценливо сознајно искуство од дејствата на вакви агенти што инсталираа фингерајки од најразличен вид на почвата на нашата држава. Јас ќе ви припомнам на „писателот“ Тим Себастијан, кој како агент дејствуваше прво во БиХ, а потоа и во Македонија, за на крајот да објави роман што го обработува атентатот на Киро Глигоров во детали, неколку месеци пред тој да се случи. Сега, по терористичката акција на припадниците на милитантната квазиновинарска легија во Македонија преку балканската подружница на Ал џезаира и Н1 (Си-ен-ен на Балканот), мисли ли некој со спастрен ум дека по крахот на последниот „устанак“ на Заев и Соросовата дружина не очекувавме дотур на пропагандистичко оружје по воздушен пат од инспираторите на пучот? Па ние, бре, сме собрале искуство од два века пропаганда против нашето постоење. Можеме да ѝ издаваме сертификати и дипломи на цела Европа како врвни експерти по оваа тема. Ваква шикишаана како мамлазот Муреј и македонските му „пријатели“ по традиција ги мочаме од ќерамиди. Што значи, самоуверено ем од високо. Навистина луѓе, што е ова со Кралствово? Фатено е како го фалсификува шкотскиот референдум, како го пљачка историското наследство на Ирак, како ја краде холандската компанија за производство на СИМ-картички. Фатено е како го шпионира континентов, па фатено е апла како учествува во преврат во Гамбија, па како подготвува план за нуклеарен напад на Русија... До каде ќе тонат и Дејвид Камерон и неговата партија, баш е тема за обработка. Дали поттекстот на оваа лудница е фактот дека и во оваа држава наскоро ќе има избори, односно бришка на многу политичари? Го поврзав тоа со убедувањето на Зоран Заев, кој изјави дека не очекува судска разврска за извршениот бомбашки напад. Претпоставувам дека очекувањето му било сврзано со убедувањето дека има гаранција од службата што го употребила како лејка. А, дека е лејка за еднократна употреба му кажа и Никола Груевски, кој е на јасно оти „новото сонце“ во најава не сфаќа во каква игра се вплеткал. И дека сега неговите пријатели го тргуваат. 

Што ти е заблуда! Долги години мислев дека Жоро има длабок психопатолошки проблем со „комуњарите“, а ете го како во низа јавно се декларира како тешка комуњара. Изгледа како мал сакал да биде пионер, па комсомолец, ама не го примале, па растел како наапан. Затоа дури сега ги покажува своите афинитети. И тоа во историски распон од јакобински џелат задолжен за брзопотезно обезглавување на противниците, преку полетен „молодец“ на Ленин во интелектуалните дебати „шта нам је чинити“, па до познатите пленумски перформанси на СКЈ, нема што нема кај него. 

И да не заборавам да ја потсетам власта. Ич да не ѝ паѓа на памет и да мисли дека ние имаме намера да гинеме на сремски фронт. Мислам на нас што овие од марионетско-протекционистичко-интервенционистички табор нѐ етикетираат како „мегафони на власта“. Ниту некој може да нѐ испрати како „доброволци“ на линијата на огнот, ниту ние можеме да бидеме замена за држава и државни институции, закони и устав. Молам убаво! На нас е да информираме и коментираме професионално, а институциите да ги обезбедат стабилноста, законитоста, слободата и спокојството на Македонија. Во таа смисла очекувам Иво Ивановски да го дополни Законот за информирање со лиценцирање на новинарите за да се избегне забуната инсталирана со рамковниот договор дека и терористите и државната одбрана се „бранители“.

Мирка Велиновска за НОВА МАКЕДОНИЈА

 

 

Оцени ја веста

30.03.2015 - 19:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега