Промовирана јубилејната 50-та генерација на дипломирани и магистрирани инженери на Машинскиот факултет-Скопје
Јубилејната 50-та генерација на дипломирани и магистрирани инженери на Машинскиот факултет-Скопје денеска беше промовирана во Скопје.
На свеченоста по повод промоцијата на новите 343 дипломирани студенти и 50 магистри се обрати министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
- Денес во рамките на Машинскиот факултет егзистираат шест институти и еден оддел кои успешно ја реализираат воспитно образовната дејност и научно- истражувачката работа. Беше меѓу првите факултети, кој изврши комплетна трансформација и адаптација на наставните планови и програми во согласност со Европскиот кредит трансфер систем и Болоњската декларација. Преку Еразмус програмата, пак, постои можност за размена на студенти и наставен кадар и со странските универзитети кои имаат компатибилни наставни програми, рече Ристовски.
Деканот на Факултетот, Атанас Кочов изрази задоволство што денеска се промовираат најголем број на студенти во дипломирани машински инженери и магистри во областа на машинството.
- Факултетот во своето 54-годишно постоење постојано произведува кадри што се соочуваат со технолошки предизвици и кои знаат да одговорат на барањата на странските компании, а тоа е потврдено и со фактот дека дел од нив се вработени во нив. Наши диплорани студенти веќе водат странски компании во РМ, но водат и странски компании кои што излегуваат надвор од држвата, а придонесуваат и за општетствено технолошки развој на земјава, рече Кочов.
ФОТО: Влада