Ставрески: Русија е еден од најзначајните економски и политички партнери на Македонија

Русија останува еден од најзначајните политички и економски партнери на Македонија, но се уште има простор за унапредување на стопанската соработка. Извозот континуирано расте, но не со посакуваното темпо, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на одбележувањето на 10-годишниот јубилеј на Македонско-руската стопанска комора.

- Со 144 милиони потрошувачи, рускиот пазар е голем предизвик за македонските компании. Минатата година трговската размена достигна 138 милиони евра од кои 32 милиона се извоз од македонска страна, а 106 милиони се увоз од Русија. Трговската размена во 2014 година беше само 1,5 проценти од вкупната трговска размена на Македонија, истакна Ставрески и додаде дека Македонија точно знае кои се нејзините компаративни предности на рускиот пазар. 

Извозот на земјоделски производи во Русија минатата година изнесуваше околу 15 милиони евра, а дополнително беа пласирани и лекови и други стоки, додека од руска страна беа увезени главно нафта, гас, суровини и полупроизводи за металната индустрија. Но, резултатите не задоволуваат. Македонија може да произведе и да продаде многу повеќе производи со поголема додадена вредност, а тоа важи и за Русија која во однос на Македонија може да извезе многу повеќе. Во оваа насока мора уште многу да се работи, потенцира вицепремиерот о потсетува дека заклучно со 2014 година вредноста на руските инвестиции во Македонија достигна 400 милиони долари.

- Нашите врати за руските компании се отворени. Постојат одлични можности за проширување на нивниот бизнис тука, порача Ставрески.

Осврнувајќи се на досегашната соработка со Русија вицепремиерот напомена дека пред две недели почна реализацијата на проектот за изградба на националниот гасовод, делницата од Клечовце до Штип. Оваа инвестиција на руската „Стројтранс газ“, како што рече Ставрески се очекува да повлече нови руски вложувања во Македонија и да ја продлабочи соработката меѓу двете земји.

Ставрески го поздрави јубилејот на Македонско-руската стопанска комора.

Според амбасадорот на Русија во земјава Олег Николаевич Шчербак, доказ за досегашната одлична соработка меѓу двете земји е и обемот на руските инвестиции во Македонија кој постојано се зголемува, а се зацврстуваат, нагласи, и бизнис врските. Комората, како што оцени Шчербак, во оваа деценија ја покажа својата ефикасност.

- Македонско-руската стопанска комора претставува мост на економско поврзување, но и израз на вистинска врска меѓу две пријателски земји. Нејзината цел остана иста во изминатите 10 години – зголемување на трговската соработка, нагласи претседателот на Комората, Ѓорги Дика.

Инаку, на прославата на јубилејот присуствуваат и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за привлекување странски инвестиции, Михаил Цветков и Бил Павлески, претставници на бизнисот и други високи гости.

 

 

Оцени ја веста

25.03.2015 - 13:44
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега