Македонците на средба со албанските министри за внатрешни и за образование
Делегација на Македонска алијанса за европска интеграција, предводена од претседателот Едмонд Темелко, потпреседателите Бесник Хасани и Таќо Гроздани и генералниот секретар Васил Стерјовски. вчера имале средби со албанските министри за внатрешни работи и за образование и наука, Фљамур Нока и Миќерем Тафај.
- Со министерот за образование Миќерем Тафај разговаравме за петицијата на Македонците од Голо Брдо за учење на македонскиот јазик во образовниот процес во Голо Брдо и во сите градови во Албанија, како и за печатење на сите учебници на македонски јазик за училиштата во Мала Преспа каде единствено се признаваат Македонците во Албанија и каде се изучуваа македонскиот јазик во школите, вели Васил Стерјовски. Добиле ветување дека сите учебници ќе бидат испечатени на македонски и оти во Голо Брдо од септември ќе се изучува македонскиот јазик од седмо оделение како што предвидува Законот за образование на Република Албанија.
Делегацијата на Македонска алијанса со министерот Нока разговарала и за вработување на Македонци во сите нивоа во структурите на министерството за внатрешни работи на Албанија.