ВИДЕО: Кански лав за маркетинг за Њу Момент од Македонија

Спотот симболично наречен „10 метри одвоени - Ден на заедничка молитва“, на македонската агенција „Њу момент“ од Скопје е добитник на „Канскиот лав“ (Cannes Lions) во категоријата „Титаниум - интегрирана кампања“. Ова е првпат ваква висока награда од канскиот фестивал да биде доделена на некоја држава од Балканот.

Маркетиншкиот „Оскар“, односно „Канскиот лав“, во Скопје го носат Сашо Пешев, генерален директор и партнер на агенцијата и Душан Дракалски, регионалниот креативен директор на „Њу момент“, кои вчеравечер се качија на победничката сцена во Кан, заедно со лауреатите од останатите 16 категории.

- Се потврди дека за еден сон да стане стварност, потребно е доволно долго да се сонува и многу напорно да се работи. Со оваа награда потврдуваме дека Македонија има вонсериски креативци и големи потенцијали, на кои доколку им се даде вистинската шанса, можат да се борат и да ги победуваат и најкреативните и најдобро платените во светот - вели Пешев.

Во регион како Балканот, исполнет со војни, омраза и нетолеранција, спотот го покажува вистинскиот напор на Христијаните и Муслиманите во Македонија да се доближат едни до други, вистински да се запознаат и да се разберат. Во релативно контроверзната тема на истовремено, заедничко верско молење на поповите и на оџите, меѓународното жири во Кан препозна идеја на која ѝ додели една од највисоките награди во светската индустрија на маркетингот.

- Шансата за освојување „Лав“ е 1:37000, повеќе шанса има гром да Ве удри. Но, пораката на оваа кампања е моќна, ова е нашиот придонес кон толеранцијата во нашата земја. Вистински луѓе направија реален чекор кон мир, разбирање, почитување едни кон други. Светот ја препозна тежината на овој гест и силината што спотот ја соддржи - изјави Дракалски.

zname2

Канскиот фестивал на креативноста е најголемиот собир на адвертајзингот во светот. Оваа година 11.000 акредитирани делегати од 100 земји ги следеа резултатите од маркетинг-кампањите од целиот свет, а меѓународното експертско жири оценуваше во 17 категории во кои беа пријавени повеќе од 37.000 креативни решенија, на 4.000 компании од маркетинг-индустријата.

Ова е прв „Кански лав“ за агенцијата „Њу момент“, која е вреднувана како една од најкреативните агенции на подрачјето на Југоисточна Европа и која во своето портфолио веќе брои 70 меѓународни награди. Највиското меѓународно признание „Њу момент“ од Македонија оваа година ќе го прослави заедно со својот 20 роденден.

Спотот „10 метри одвоени“ е дел од пошироката кампања споведена од Генералниот секретријат на Владата на Република Македонија за соживот и за религиска толеранција, која во земјава ја реализираа неколку маркетинг-агенции.

Ова се наградените видеа

најчитано сега