1.500 лица посетени во шестиот циклус Домашна визита
Околу 1.500 лица во повеќе региони низ Македонија се посетени досега во рамки на шестиот циклус на проектот Домашна визита, кој почна на 5 март.
Како што соопшти Министерството за здравство, станува збор за лица од руралните и потешко достапни населени места во државата, со посебен фокус на постари лица, на кои заради возраста им е потребна поголема здравствена нега, а со оглед на тоа што живеат во рурални средини им е отежнат пристапот до примарна здравствена заштита.
Посетите ги вршат обучени тимови од патронажните служби во здравствените домови. Во реонот на Здравствен дом Скопје се извршени 450 посети, Здравственд дом Штип – 120 посети, Здравствен дом Куманово – 112 посети, Здравствен дом Охрид – 118 посети, Здравствен дом Струмица – 90 посети, Здравствен дом Гостивар - 105 посети итн.
Кај дел од посетените лица се детектирани хронични заболувања, респираторни заболувања, зголемено ниво на крвен притисок, зголемено ниво на холестерол, дијабетес, и тие се упатени кај матичен лекар за препишување соодветна терапија и натамошни испитувања.
Во рамки на посетите, како што се наведува, патронажните тимови даваат и совети за здрава исхрана, практикување физичка активност и здрави стилови на живеење.
Проектот Домашна визита е инициран како широка акција за превентивни здравствени прегледи со цел зголемување на грижата за постарите и изнемоштени лица и дополнително приближување на здравствената заштита до оваа категорија граѓани. Проектот се реализира во рамки на Програмата „Здравје за сите“. Посетите се организираат според информации од системот МојТермин, а пред да дојдат во домот, патронажните тимови се најавуваат телефонски кај граѓаните, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа