Статива

Им пукна на воајерите бомбичето во скут, и уште им се чурат пелените. Плачат, лелекаат да се се слуша од Галичник до Река, што би рекол поетот.

Сега барем разбравте зошто за бомба не се дава дозвола за носење оружје. Таква направија не е за фрустрирани ликови со 92 промили омраза во крвта.

Имавме тешка недела за сороспиското движење на Заев. СДСМ мора да имале лош хороскоп, ама кој да погледне во натална карта при таа еуфорија, убедени дека власта испратена по Де-Ха-Ел од странство им е на маса. Убедени дека по нивните снимки Груевски веќе ја потпишал оставката. Се чека само странски печат.

Арно ама, наместо оставка, Груевски им собра над 25.000 поддржувачи на митингот на ВМРО. И стави точка на приказната за оставка. За тенките нерви на Зајко тоа е премногу - одлепи и напиша песна, па трансветстиот му ја објави. Нешто за жици што пукнале...

За разлика од митингот на Груевски, нивната приредба во Универзална помина темно, досадно и без политичка порака. Од најавените сигирно присутни 18 дипломати, не видовме ниту еден амбасадор во Универзална. Особено не оние важните од САД, Германија, Британија, Франција, Русија... можеби беше некој од Грција, а?

Со едвај собрани 1.800 луѓе на приредбата, СДСМ не ни можеше нешто да очекува. Пушиона. Повеќе збореа оние од снимките отколку Зајко и Шекеринска заедно.

Тргна забавата, па излезе Рада со ладната трајна, со асамбле од бар иљаду евра по парче на неа, и се изнавергла готови фрази за таа прилика прочитани од Лексикон кои можеш да ги употребиш секаде: на савдби, погреби, родендени, парастоси... па и митинзи. Од типот – водата е мокра, народот чека на нас, слободата е важна... и тако то.

Па се појави Пендаровски, да искористи прилика и да си заврши работа со лична промоција како иден претседател на СДСМ. Порача дека во власта на СДСМ нема да има луѓе чии имиња се поврзани со корупција, криминал и скандали.

Среќа што во Универзална имаше лекари, па набрзина ги повратија од шок Заев и Шекеринска кои разбраа дека Пендаровски сака да ги елиминира од партијата. Ако некој во врвот на СДСМ е поврзан со скандали за корупција и криминал, тие двајца се први на списокот. Од серијата дубари на Заев на чело со аболицијата за Глобал, до договорите со Мајакрософт и пакуваните 60.000 евра годишно за кирија што ги топи Рада на гардероба и шетање. А шета многу, како што и самата кажа од говорница.

Богами, за нив беше напнато во Универзална. За другите здодевно.

Толку досадно што од фотографиите кои ги објави Вечер можеа да се видат купови остатоци од семки и сончогледи меѓу седиштата што социјалдемократскиот крем во Универзална ги грицкал вечерта. Ги смарале луѓето со празни говори и бајлак снимки. На идната естрадна забава би можеле да ги поканат Станија и Сораја, заради подигање на нивото. Ако ги викнат двете Маца Дискреција им доаѓа гратис. Со 3.000 евра, колку што според сајтовите добил водителот, Станија и Сораја можеа да ги имаат на располагање до сабајле. И да ги снимаат колку сакаат. И да видат што се тоа бомби, а не нивниве телефонски муабети за осамени домаќинки.

Ако не ги викнаа затоа што им било незгодно да ги снимаат Сораја и Станија ноќта, можеа да ми ги донесат мене и да снимаат колку сакаат. И онака веќе се знае кој се мажи, а кој пазачи. Воајерите се симнаа од жбуновите на Водно и седнаа во СДСМ.

А тезите од објавените разговори, јад и беда човече. Статива до статива.

Објавија дека ВМРО ДПМНЕ вршеле притисок врз странскиот инвеститор Агрокор, лоциран во Струмица. Статива. Ден потоа од Агрокор демантираа, и се заблагодарија до владата што им помогнала инвестицијата да се реализира.

Согласно нивните морални и етички стандарди, СДСМ тврдеше дека ВМРО ги злоупотребувал за избори децата сираци. Баедно. И децата без родители се јавија и рекоа дека владата им помага како никој порано, и го опоменаа СДСМ да не ги злоупотребува за свои партиски цели. Статива.
Отидоа Рада и Зајко и подоле од ова. Нивната позната некрофилија не се воздржа ни тука.

Распалија дека Груевски ги малтертирал, и барал соработка за избори и од родителите на Тоше Проески. И таткото на Тоше замоли да не се употребува неговиот починат син за партиски потреби. Трета статива, за само една вечер.

Патем, од СДСМ дознавме нешто што е хумано, а не сме го знаеле затоа што Груевски со тоа никогаш не сакал да се фали. Дека државата Македонија секој месец плаќала по 3.000 евра на семејството на загинатиот Тоше.

Статива до статива. Затоа и имаше толку грицкани семки и сончоглед во публиката.
Сега, по овој дебакл, доведен е во прашање и струмичкиот маскембал. Единствено ако Зајко не се маскира во Латас па да привлече внимание од присутните.

Прибидејќи приредбата во Универзална беше тапа, за да се спаси ситуацијата само два дена потоа СДСМ одржа прес, со нови телефонски снимки.

Заев бил комиран и депримиран, па на пресот наместо него се појави Андреј Жерновски. Со својот невидлив шарм и елковентност да го поврати вниманието на јавноста. Плус, кога веќе Зајко е бивши и се бара нов шеф во СДСМ, Жерновки се надева дека ќе им се најде, па затоа и се жртвуваше со откажување од ЛДП.

Арно ама тоа и не е ништо ново. Од ЛДП се откажаа сите.

И, на пресот – буп... дупла статива.

Им поделија на новинарите ЦД со разговор помеѓу Сашо Мијалков и Латас, кој трае околу 40 минути, и во кој се зборува дека Црвенковски му нудел на СДСМ трампа. Да му го препуштат Карпош, а тој на нив Центар, а со тоа и Жерновски да ги загуби изборите.

Како директно заинтересирана страна, Жерновски не пропушти да му се одмази на Црвенковски со пуштање на оваа информација во јавност. Тука ни грешка, ни случајност нема. Зајко, мајчин, за да не му биде овој шамар за Бранко припишан нему, го пушти Жерновски на пресот тој да ја објави бламажата.

Сега и во СДСМ разбраа дека снимките служат за пресметки и манипулации со неистомисленици. Сега, кога и нив самите ги здоболе, разбраа кој е Зајко.

На снимката има, што СДСМ заборави да го потенцира, и муабет за корупцијата на Пенов и Жерновски, како и богатствата кои се со корупцијата стекнати. Има и за купување гласови од СДСМ во Центар и Куманово... ама, тоа заборавија да го спомнат.

Како што и на снимките од петтата и седмата нивна бомба во еден од сечените и монтирани разговори има дел во кој се констатира дека Заев треба да биде пуштен да победи во Струмица, затоа што Заев за ВМРО е подобро решение за шеф на партија отколку Игор Шема или Пендаровски, и со градоначалничката моќ и пари ќе му биде сериозна конкуренција на Црвенковски, што ќе придонесе за поделба во партијата.

Времето, потоа, покажа дека во ВМРО биле во право.

Зајко е лош, одмаздољубив и гневен човек. Не му заборави никогаш на Црвенковски што не го поддржа за шеф на партија, и што застана зад Пендаровски. По пуштање на информацијата со предлогот на Црвенковски да се трампа Центар за Карпош, не е чудно ако осамнат во јавноста од некаде и разговорите како се случи на претседателските избори во второт круг одеднаш да се зголеми излезноста, и да се обезбеди Црвенковски да биде избран за претседател. И, можеби, да се чуе и за вмешаност на странски фактор и офицери од ОДИХР и ОБСЕ во тој процес.

Иако сум знаел за понудената трампа Центар за Карпош, иако сум знаел дека Заев е пуштен да мести победа во Струмица, како што знам по нешто и за чудната излезност... тоа не сум го објавил. И не би ги ни спомнал никогаш да не ја отворашаше Зајко темата.

Што и да било, за мене Црвенковски ќе остане последен лидер на СДСМ кој играл мангупска и груба игра, но сепак со политички дигнитет и разум. За разлика од Зајко.

А таков каков што е, Зајко е близнак на Рада.

Ругањето на Муса Џафери од ДПА не е случајно. Најголем противник на Џафери во ДПА е Теута Арифи, пријателка на Радмила Шекеринска. Рада и Зајко го ругаат Муса за атер на блазираната Теута Арфи, прва госпожа на Тетово.

Злобата на Зајко експлодира по изјавата на Мендух Тачи дека Заев е обичен шарлатан. Ден потоа Зајко му се наврте дека ќе му објави телефонски разговори од кои ќе се види дека е предавник на албанскиот народ! Ај мајката, дојде време Зајко да ги брани Албанците од други Албанци. Ги испокара Македонците, па сега оди понатаму.

Андреј Петров, генсек на СДСМ и кандидат за градоначалник во Карпош, му одржа лекција на Зајко дека збори глупости. Никој не може ни 100 гласа да протне во некои избори, а камоли 100.000, и дека поразот на СДСМ е резултат на нивните слабости, а не на телефонските разговори кои, се покажа, не создавале никакви последици.

Сега Зајко отвори многу фронтови: со ВМРО, со Црвенковски, со најмоќни медиуми и новинари во земјава, со ДПА, со дел од ДУИ... му останаа само странците на лагер.

А кога странци форсираат некого, на Балканот тој редовно е казнет од народот. Особено ако се знае дека Груевски е последна брана пред укинување на уставното име.

Драган П. ЛАТАС за ВЕЧЕР

 

 

Оцени ја веста

18.03.2015 - 19:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега