Министерот Ристовски: Обезбедени се 34.971 места за упис во средните училишта
Денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, на прес-конференција истакна дека обезбедени се вкупно 34.971 места за упис во јавните средни училишта во учебната 2013/2014 година.
Од посочените места 22.694 се за стручно образование. 11.597 во гимназиско, 408 во уметничко образование и 272 ученички места во спортска гимназија. Инаку, уписите во средните учичишта низ државава започнуваат во понеделник.
Министерот Ристовски посочи дека оваа учебна година по првпат ќе може да се запишат ученици во новото средно училиште „Илинден“.
- Важно е да се напомене дека оваа година по првпат се воведуваат и нови образовни профили во три струки, мултимедиски дизајнер во државното средно уметничко училиште за примената уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, угостителски техничар од угостителско-туристичка струка во СУГС „Лазар Танев“ во Скопје и во СУТУ „Ванчо Питошески“ во Охрид, како и техничар за логистика и осигурување од сообраќајна струка во АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје, подвлече Ристовски.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во два уписни рока, јунски рок со две пријавувања и августовски рок со едно пријавување.
ФОТО: МИА