Грант од 4 милиони евра за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија
Министерството за здравство го доби вториот дел од грантот од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија во вредност од 4 милиони евра, кој ќе почне да се реализира во периодот 2015/2016 година, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Втората фаза од 4 милиони евра е дел грантот за периодот 2012–2016 година, во износ од вкупно 10 милиони евра, од кој 6 милиони евра беа за првата фаза 2012 – 2014 година.
Финансиите од вториот дел од грантот, појасни министерот, се наменети за Министерството за здравство, за граѓанските здруженија, меѓу кои: ХОПС, ХЕРА, ЕГАЛ, Црвен крст–Скопје, како и за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Психијатриската болница-Скопје.
- Од инвестициите кои се реализирани со овие средства, а со кои значително придонесовме кон унапредување на грижата и третманот на ранливите категории како што се: лица со Хепатитис Ц или лица со ХИВ/СИДА, а воедно ги унапредивме условите за навремена дијагноза и ран третман, со што сериозно се намалува можноста за понатамошно пренесување на ХИВ вирусот, истакна Тодоров.
Министерот информираше дека од најновиот грант од Глобален фонд, Министерството набавило систем за генотипизација и детекција на ХИВ – десеквенционер на ХИВ, кој ќе биде сместен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
- Апаратот наскоро ќе биде инсталиран и ставен во функција, а вредноста изнесува 85.000 евра. Станува збор за врвна дијагностика во оваа област, односно апарат кој овозможува прецизирање на генотипот на ХИВ, а со тоа и поставување на соодветна терапија, што придонесува кон значително намалување на вкупните трошоци, рече Тодоров.
Министерот потсети дека Министерството за здравство обезбедило и фиброскен – апарат за повеќекратна контрола и прецизна репродуктивна проценка на ткивото на црниот дроб, кој исто така е сместен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и е во вредност од 50.000 евра.
За унапредување на третманот на Хепатитис Ц, со средства од Глобален фонд, набавена е и терапија за ова заболување, во износ од 18.538.304 денари само за 2014 година, а во 2015 и 2016 година ќе бидат наменети дополнителни 500.000 евра за обезбедување на потребната терапија.
- Сакам да истакнам дека во текот на оваа година се планира и набавка на лабораториска опрема во износ од над 130.000 евра, со цел зајакнување на капацитетите за дијагностика на овие заболувања. Исто така, годинава со средствата донирани од Глобален Фонд планирано е да се набави и специјално опремено теренско возило во износ од околу 30.000 евра кое ќе послужи како мобилна амбуланта за теренско тестирање и советување за сексуално преносливи инфекции меѓу популации изложени на ризик. Ќе продолжат и активностите во рамки на Националната кампања за подигнување на јавната свест за ХИВ/СИДА, додаде Тодоров.
Во 2014 година инфицирани со ХИВ вирусот биле 239 лица, од кој на терапија се 161 а починати се 78 лица. минатата година биле поделени 27.340 тестови за ХИВ,информираше директорката на Глобален фонд Наташа Николовска-Станковиќ.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа