Денеска е Преподобна маченица Евдокија

 

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 март.

Денеска е Преподобна маченица Евдокија.

Оваа Евдокија беше богата жена и живееше во Хелиопол, во Сирија, кон крајот на првиот и почетокот на вториот век. Беше позната по својот распуштен живот. Нејзината куќа беше прилепена до еден христијански дом, каде во една прилика беше отседнал некој монах Герман. Една ноќ таа го слушна Герман додека се молеше и на глас читаше некоја книга за Господовиот суд, па се свести за својот дотогашен живот и поверува во Христа. Откако се крсти, отиде во еден манастир, каде се подвизуваше долги години. Најпосле, пострада за Христа за време на едно гонење при римскиот император Хадријан.

Света преподобна маченица Евдокија (Летник), 14./1.III.

Празник на новото лето

Летник е празник на новото лето. Големиот број обичаи и верувања поврзани со овој ден потекнуваат од претхристијанскиот период и имаат цел да обезбедат среќа и напредок за луѓето и стоката и магиска заштита од разни несреќи.

Именден празнуваат Евдокија, Дочка, Мартин, Марта…

На први март (според стариот календар) Светата православна црква го празнува споменот на светата преподобна маченица Евдокија, родена во феникискиот град Илиопол. Како девојка била многу убава и со неморал спечалила огромно богатство. Во тоа време по вера била Самарјанка. Подоцна го примила христијанството, го напуштила расипничкиот живот, имотот го поделила на сиромашни христијани и се закалуѓерила. Во манастирот минала 56 години. По наредба на тогашниот управник на градот Илиополе била исечена со меч во 126 година.

Со празникот посветен на нејзиниот спомен започнува месецот март, а според некои и новата година. Први март уште се вика и Летник, зашто според верувањето тогаш започнува летото. Во Галичник како што забележал П. Ѓиноски, првиот ден од првиот пролетен месец „го нарекле Летник, те. Пролетник. Тој не је црковни, токо природни празник. Природата која се зима спала и била огрдена оттога зафаќат кротце по кротце да се разбудуват и разубавуват“. На овој ден низ цела Македонија се изведуват богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници од змии, болви, од шумските ѕверови но и здравје на луѓето во претстојната работа сезона.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Тогаш се бере кукурек и се запотнуваат куќите, плевните, шталите, потоа посебно се запотнуваат креветите, ношвите, огништето, амбарите, леите, плугот и др. Се верува дека потката ќе ги чува овие објекти и предмети како и луѓето и добитокот од разни болести и други несреќи.

Меѓу позначајните обичаи поврзаи со овој ден е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец, и се носат околу вратот или на рацете или нозете. Најчесто го носат само децата, но во некои краишта ги носеле сите членови од семејството како магиска заштита од разни несреќи. Во Дебарца (Охридско) мартинките се правеле од бела и црна волна, но само од волна што била оскубана од овците. За таа цел волна се собирала по смреките, плотовите, јаслите и други места каде што минувале или престојувале овците. При сучењето на мартинката една жена пуштала од волната паралелно и од белата и од црната, но повеќе од белата, друга, пак, сучела мижејќи и одејќи назад. Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле со игла некому на појасот на други на ногата или околу раката. Притоа се велело: „Гад в гора (името) в поле“. Со тоа змиите, смоковите и другите гадови се праќале во гората подалеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги споменувале вистинските имиња, бидејќи според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинки со паричка им ставале околу вратот. Мартинките ги носеле сè додека виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: „На ти ластојце мартинка, да ми дајш кошула“. И верувале дека навистина ќе добијат кошула.

И во селото Бапчор, Костурско, мартинки правеле од бела и црна волна што ја кубеле од овците. Потоа откако девет дена ќе ги носеле околу гушата, на деветтиот ден ги обесувале на гранките од некое дрво на кое доаѓале ластовичките и на децата им носеле нови алишта за претстојниот празник Велигден. И овде вечерта кога се правеле мартинките се шиело при што некој прашувал „Што шиеш“, а тој што шиел одговарал: „Ете ги шијам устите на мечките, волците, змиите, устите на асмовите (душманите), на црвите за да не црвосува имањето, ќе ги завијам тука и ќе ги врзам.“ Потоа погледнувал кон планината велејќи: „Сиве оивие лоши работи што ги имам сошиено, во пусти гори да одат“. Иглата со којашто шиеле ја обесувале на местото каде што се обесувал котелот, и по двевет дена со една пара ја ставале на матката со којашто мателе, ставајќи уште и разни цутови (цвеќиња) што први цутеле.

И во селото Вʼмбел правеле мартинки кои момчињата и девојките ги ставале на реверите како папиони (пеперутки). Утрото најстариот член на семејството носел суви гранки, а таткото расцветана дренова прачќа. Палејќи ги сувите гранки во огништето дедото благословувал: „Ајде да се сторат многу јагнишча, и пилишча у нас.“ Потоа на тие што имале мартинки им се честитало: „Ајде голем да ни порастиш, мʼндро (мирно) да ни бидиш, да ги слушаш постарите, а догодина златна мартинка да носиш.“ Потоа најстариот во лажица ставал мед и над него цут од дрен и најнапред младите а потоа и постарите јаделе мед и дренов цут. Во истовреме со дренова прачка ги удирал по грбот со благослов: „Ај да ни бидеш цвертст и здрав како дрен, да се виткаш како дрено, ама никогаш да не се скршиш.“ По седум дена мајката ги собирала мартинките и ги фрлала на покривот од куќата со зборовите: „Сега ти ги даваме од предено, догодина да ни ги вратиш позлатени“.

Во Кукуш, како што е запишано во зборникот на браќата Миладиновци, мартинки правеле од бело и црвено: „Дента спроти Марта сучат црвено и бело предено со цело: и утрината го клавает на децата на грло, на рʼце и ноѕе за здравје. Тие се викает мартинки и со ним в Струга стретват ластовиците. Таја вечер преминуваат местата , кʼде спавале до тога за да не ги јадат болви. Тој ден малите деца прават ластовица от дрво шикосано и пејет по кʼштите: Ластовица идеше, црно море пливаше… Во сиот месец не јадат зелје останато од понапрежниот ден“.

И Е. Спространов забележал дека во Охрид мартинки правеле од бела и алена волна, а ги врзувале на рацете или ги шиеле на облеката и ги носеле цело лето за да не ги касаат змиите. Тоа повеќе го правеле селаните кои во текот на летото често биле низ полето. Оние, пак, што често се сопнувале при одењето мартинките ги врзувале на прстите од нозете. Мартинките се сучеле мижејќи „за да бидат како слепи змијте и да не и вижџет љуѓето, ко ќе минет покрај ними“.

Во Горноџумајско во пиринскиот дел на Македонија, „мартинчета“ правеле девојките и младите мајки, на самиот ден на празникот пред изгрејсонце. Мартинчета ги правеле од бел и црвен конец и ги врзувале околу вратот на момите, но и на рацете на малите деца. Притоа велеле: „Да сме бели и червени като тези мартинчета“. Ги носеле во текот на месецот март, а на први април ги ваделе од себе и ги ставале под камен. Тука останувале три дена, а потоа го кревале каменот и гледале ако има некое животно претскажувало нешто добро. Особено ако имало т.н. „божи кравици“ претстажувало голема среќа за сопственикот на „мартинчета“ и плодност на кравите, овците и другиот добиток. Ако под каменот немало ништо се сметало дека нема долго да живее.

Во Радовиш мартинки се правеле, исто така, рано наутро пред изгревот на Сонцето на самиот празник. Се правеле од бело и црвено предено (памучно) и додека децата спиеле им се врзувале на рацете, а на девојчињата и околу гушата со пара. Во овој крај се знаело дека мартинките на левата рака биле за ластовиците, а на десната за штрковите. Кога ќе ги виделе првите ластовици и штркови децата ги поздравувале со песнички, а мартинките ги оставале под камен со верување дека за тоа ќе добијат кошула.

Во Галичник на „првиот дењ мартов“ како што го запишал П. Ѓиновски правеле млњаци за сите машки членови во семејството и ги носеле околу вратот до Ѓурѓовден. Млњаците биле низалчиња „од неколку старицела (т.е. сребрени пари) и жлтици, нанижани на конец, еден конец копринен и шарен, т.е. еднијот конец је бел и ленен, а другијот от црвена коприна усукани заједно и таке је сторен конецот шарен-бело и црвено.“ Овие низи се викале млњаци зашто имале цел заштита од молња (рофја, секавица, светкавица). На пролет кога за прв пат се правело храна од новите коприви најпрвин сркнувале со млњакот наместо со лажица при што велеле: „На суви дрва и камења (нека одит) треска и огница, а на мене (нека доет) здравје и весеље“. На Ѓурѓовден на децата „им ги соневајет“ (изваѓајет) млњаците од врат, парите ги ставале во ковчег, а конците ги клавале во градината на трендафил за да бидат бели и црвени како трендафилот.

Во Гевгелиско мартинките од црвен и бел конец ги носеле околу вратот но и околу прстите од рацете и нозете како прстења сè додека не се искинеле. Тогаш пак ги ставеле под бел камен за да бидат бели и црвени. Во овој крај верувале дека мартинките ќе ги заштитат од Сонцето да не ги изгори.

Во Голо Брдо празникот Летник го празнувале и христијаните и муслиманите. За одбрана од гробник или вопер (вампир) сучеле црвен и црн конец притоа држејќи ги рацете одназад. Потоа го зашивале овој конец на клашеникот одзади, а го симнувале на Ѓурѓовден и го обесувале на трендафил.

На празникот Летник, како ден кога започнува летото, се изведуваат интересни обичаи поврзани со змиите, болвите, дивите ѕверови и сл. Во Струга за да не ги јадат болви луѓето ги менувале местата каде што спиеле. Во селата како и во градот Охрид, како што сведочи К. Шапкарев „грмеле“ од пушки за отстранување на болвите во текот на претстојното лето, а според записот на Е. Спространов тој обичај бил забранет од властите. Во Дебарца забележавме дека, за заштита од ваквите штетници, спроти празникот од шумата носеле дабова гранка (шумка) со којашто ноќта спиеле држејќи ја под пазувата. Утрото одејќи на вода, на чешма, или на кледенец ја фрлале во водата велејќи: „Шумка шумна, гад побегна“. Овие штетници народот ги викал гадови зашто не смеел да ги именува со нивните вистински имиња. Од тие причини и болвите биле наречувани црнки. На враќање носеле вода со која штркале низ куќата, растурале песок, а ако имало и снег за да им биде студено на црнките (болвите) и да бегаат од куќата.

За заштита од болвите во Скопската Котлина но и во други места ги палеле буништата но да не горат со пламен туку само да чадат. Некаде тоа го правеле за бркање на змиите, а некаде палеле суви лепешки за заштита од духовите. Интересен обичај во оваа смисла забележал К. Шапкарев. „На први март земаат една цевка бозова, продупчена како азлак од пушка, ја наполнуваат со барут и ставаат внатре и три болви наместо сачми, како и трошки од лебот што го јале преку денот и пукаат со таа цевка, кога ќе ја запалат со запален јаглен. Тоа го прават за бркање на болвите од куќата.“

Особено се интересни обичаите и верувањата поврзани со заштитата од змиите. Освен тоа што мартинките се зашиваат за да им се зашијат устите на змиите, а тие се прават мижејќи за да не ги гледаат змиите, во врска со овие штетници и со овој празник се поврзани и други обичаи и верувања. Во Радовиш на овој ден не се работело „за од змии“. Рано утрото домаќинката со кацјата и пирустијата вртела три пати околу куќата зборувајќи: „Бегајте змии, гуштери, баба Марта дојде“. Во Охрид за да им се сошиени устите на змиите секој си го пришивал со црн конец долниот крај од својата облека.

Во врска со змиите и овој празник поврзани се и некои народни лекувања. Така на пр. Е. Спространов запишал дека: Змиите излегвет на Летник и је многу арно да фатиш тога некоја и да провриш низ очите нејзини конец какоф да е. Тој конец је ногу арно да го врзиш за гушата на љуге што падинет. – За таа цел оделе во с. Свињишта или во Белчишта (раскажувачката не можела точно да ми каже) каде што имало дувло од змии и кога излегувале за прв пат ги ловеле на дупката. Низ очите им пронижувале конец со игла и после ги пуштале.

Ваков начин на лекување во Долновардарско забележал и С. Верковиќ: „На првијут ден на Марта бркат, отепуват љутица (змиа). Главата и а зимуват: сус неа покадуват човек, што паге ут вонка, и му зашиват уф капата да носе, за да оздравее.

Кога е за бубучино семе, уште ка ке е утепат ʼи разенуват устата, да така да се исуше, да гу пуминуват три пʼти низ неа, за да не и презимат бубите“.

Со Летник е поврзано и верувањето за разбивањето на луѓето од страна на птиците. Во Охрид, на Летник но и потоа, во текот на пролетта, луѓето се плашеле да не ги разбие пупунец. Разбивање го викале ако го слушнат гладни (на гладно срце) пеењето (пупањето) на ова птица. Тогаш верувале дека ќе се разболат или ќе ги следат други несреќи во текот на годината. Верувале дека ќе им смрди устата ако ги разбие пупунецот. Затоа на овој ден и подоцна веднаш по станувањето од постела каснувале барем еден залак леб. Но кога ќе ја чуеле птицата верувале дека тие ја разбиле и потоа не се чувале. Исто така, се плашеле и од кукајцата. „И кукајца да те разбијат не е арно – ја ќе умрит некој, ја на зијан је ‒ секој ден ќе чиниш зијан по една аспра“.

 

 

Оцени ја веста

14.03.2015 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега