Отстранет одронот на патот Крива Паланка - ГП „Деве Баир“
Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по наместа влажни коловози, информира во утринскиот извештај за состојбата на патиштата Автомото сојузот на Македонија.
Нормализиран е сообраќајот на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, кај местото викано „Врлибрег“, кој поради одрон на камења и земја на патот беше во целосен прекин.
Поради обилни врнежи од снег локалниот пат од Кратово до село Каврак е непрооден. Регионалниот пат Пробиштип - ХС Злетовица во село Којково, Кратово е пробиен и оспособен за сообраќај само за патнички моторни возила.
На патниот правец Крупиште-Пробиштип кај село Неокази, поради појава на вдлабнатина и попуштање на левата коловозна лента, гледано во правец кон Пробиштип-Крупиште, сообраќајот се одвива наизменично, само по десната коловозна лента.
На патот Скопје – Велес после тунелите кај Башино Село поради свлечиште сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 10 метри. Поставена е соодветна патна сигнализација.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани - Делчево, Виница – Берово, Гостивар – крак Маврово каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.Законската обврска за поседување зимската опрема во возилата е до утре.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа