Иванов - Бенкиран: Мароко е подготвено за размена на инвестиции со Македонија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Дакла, на маргините на форумот Кран Монтана, имаше средба со премиерот на Кралството Мароко, Абделилах Бенкиран.

Двајцата соговорници, јави известувачот на МИА, билатералните односи ги оценија со позитивна нагорна динамика и со зачестени контакти на високо ниво. Беше посочено дека по официјалната посета на македонскиот премиер во 2010 и потпишувањето на базичните документи за економска соработка, создадени се услови за динамизирање на економските односи меѓу двете земји. Како клучен предуслов за поинтензивна економска соработка беше укажано на неопходноста од директни контакти меѓу бизнис асоцијациите и бизнисмените на двете земји.

Претседателот Иванов истакна дека токму поради тоа ја искористи оваа посета на Мароко и во македонската делегација се присутни бизнисмени од десет компании и трите стопански комори на Македонија.

На средбата беше договорено да продолжи политичкиот дијалог на највисоко ниво. Премиерот на Мароко ја прифати поканата за посета на Република Македонија. Го поздрави учеството на претседателот Иванов на Форумот и особено бизнис делегацијата која го придружува, а која ќе оствари средби со бизнисмени од мароканските стопански асоцјации.

Премиерот Бенкиран истакна дека Мароко е подготвено и отворено за размена на инвестиции и за зголемување на трговската размена и особено за искуствата на Република Македонија во сферата на привлекување странски инвестиции, реформите во земјоделството и употребата на информатичките технологии.

Претседателот Иванов упати честитки за напорите на кралот и Владата на Мароко што ги прават за отворена и либерална економија, демократските реформи, децентрализацијата и посветеноста на човековите права.

На средбата беше договорено во наредниот период да се пристапи кон отворање почесни конзулати на Република Македонија во Мароко и на Мароко во Македонија за збогатување на соработката. Беше искажано заемно задоволство од соработката на мултилатеран план и договорено таа да се интензивира во периодот што следи.

Претседателот Ивнов денеска се обрати на официјалната сесија на отворањето на форумот Кран Монтана на тема „Неопходност од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување сигурни индустриски и финансиски партнери“, каде истакна дека македонската економија е отворена за странските инвеститори и дека со напорни реформи, во услови на глобална економска криза, успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции.

Зборувајќи пред високи државни претставници од светот, рече дека Република Македонија, покрај во економијата, е отворена и во политиката.

- Денес водиме надворешна политика на отвореност кон сите кои со нас сакаат да соработуваат. Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави, нагласи претседателот Иванов.

 

 

Оцени ја веста

13.03.2015 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега