ЕП ги усвои резолуциите за земјите од Западен Балкан

Европскиот парламент денеска ги усвои резолуциите за напредокот на реформите во Македонија, Србија, Косово и Црна Гора во 2014 година, во кои се истакнуваат тековните проблеми со принципите на правната држава, корупцијата, дискриминацијата, темпото на структурни реформи и поларизацијата на политиката, соопшти прес службата на ЕП.

ЕП го поздрави продолжувањето на преговорите на високо ниво меѓу Приштина и Белград, нагласувајќи дека односите треба да бидат целосно нормализирани.

Во резолуцијата за Србија ЕП ја поздравува посветеноста на новата српска влада кон процесот на евроинтеграции и конструктивниот однос кон соседите. Сепак, во резолуцијата се наведува дека процесот на пристапување треба да биде сеопфатен и транспарентен.

Србија, исто така, треба да посвети повеќе напори за реформирање на судскиот систем, да ја зголеми транспарентноста во однос на сопственоста на медиумите и да ги зајакне напорите за усогласување на надворешната и безбедносна политика со таа на ЕУ, особено во односот со Русија, нагласуваат европските пратеници.

- 2014 година беше важна година за Србија, во која беше постигнат почеток на преговорите за пристапување. Времетраењето ќе зависи од способноста на Србија да постигне одржлив напредок во клучните области како владеење на правото, економско управување и нормализирање на односите со Косово. Убеден сум дека тој напредок може и ќе биде постигнат. Возот од Белград е на пат кон Брисел, изјави известувачот на ЕП за Србија Дејвид Макалистер. 

Завршувањето на шестмесечната политичка криза во Косово бара итна потврда на европскиот пат и спроведување на неопходните реформи, се наведува во извешатјот на ЕП за Косово. 

Владеење на законот, независноста на судскиот систем и ефективните мерки против корупција треба да се меѓу основните приоритети на новата Влада, нагласуваат европратениците. ЕП го повикува Советот да прифати на почетокот на 2015 година одлука за потпишување на договор за стабилизација и асоцијација со Косово, што ќе даде силен поттик за реформи. 

- Денешното гласање со големо мнозинство покажува силна поддршка за европската иднина на Косово. ЕУ треба да го забрза процесот на визна либерализација за Косово, а владата во Приштина треба да преземе конкретни мерки со цел да обезбеди на своите граѓани подобра иднина во земјата. Ние повторно упатуваме јасен повик кон државите од ЕУ што имаат приговори да ја признаат државата Косово, изјави известувачот на ЕП за Косово Улрике Луначек. 

ЕП го поздрави напредокот на Црна Гора, истакнувајќи дека таа е единствената држава во регионот, што ги отворила и времено затворила преговорите, истовремено истакнуајќи ја важноста на процесот. Европратениците го поздравуваат целосното усогласување на надворешната политика на Црна Гора со принципите на заедничка надворешна политика и политика на безбедност на ЕУ, истовремено, нагласувајќи ја потребата од напредок во борбата против корупцијата, независноста на судскиот систем и слободата на изразување и медиумите.

- Резолуцијата ја одразува праведно ситуацијата во Црна Гора, изразувајќи пофалби за нејзиниот напредок, но и нудејќи совети за тоа каде треба да се покаже повеќе напор. Ангажманот на Црна Гора кон процесот на пристапување кон ЕУ е силен и ќе биде важно да се задржи домашната поддршка. ЕУ одредува високи критериуми за членство, но според мене Црна Гора останува на вистинскиот пат, изјави известувачот на ЕП за Црна Гора Чарлс Танок. 

 

 

Оцени ја веста

11.03.2015 - 17:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега