Се гради повеќенаменско спортско игралиште во велешко Караслари
Во велешкото село Караслари денеска започнаа градежните активности за изградба на ново повеќенаменско спортско игралиште, кое со средства во висина од 7 милиони и 500 илјади денари го финансира Агенцијата за млади и спорт односно Владата на Република Македонија.
По тој повод денеска во посета на селото Караслари беа Марјан Спасески директор на Агенцијата за млади и спорт и Славчо Чадиев градоначалник на Општина Велес, кои искажаа задоволство за започнување на градбата на уште еден спортски објект во велешките села, што е посебно значајно за развивање на спортот меѓу младите и населението во руралните селски населби.
- Со овој проект сакаме да покажеме дека спортот и спортската инфраструктура не се привилегија само на големите градови, туку и во помалите населени места, со цел да се спортува и рекреира,потенцира директорот Спасески.
Селото Караслари, според градоначалникот Чадиев, во овој период доживува еден своевиден инфраструктурен бум. Освен Индустриската зона Караслари, подвлече, правиме повеќенаменско спортско игралиште, а се подготвува и нов фудбалски терен.
Повеќенаменското спортско игралиште во селото Караслари кое треба да биде готово до крајот на август годинава е дел од проектот на Владата на Република Македонија за изградба на 100 повеќенаменски игралишта во земјава.
Инаку, минатата година повеќенаменско спортско игралиште беше изградено во велешкото село Иванковци.
Оцени ја веста
10.03.2015 - 15:58
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа