Најдобрите спортисти основци и средношколци на камп во Охрид

 

 

Од понеделник 24 јуни започнува четвртиот „Училишен спортски камп 2013“ кој на едно место ќе собере 298 ученици од основните и средни училишта од државава каде учесниците ќе си ги одмерат силите во различни спортски дисциплини.

Кампот кој ќе се одржи во Охрид, Дојран и Струга е организиран од Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на училишен спорт на Македонија.

Министерот Спиро Ристовски на денешната прес-конференција информираше дека кампот ќе се одржи во различни термини во текот на месеците јуни и јули. Во Охрид од 24 до 29 јули ќе ги одмерат силите најдобрите во карате, борење, пинг-понг, џудо, атлетика и стрелаштво во Дојран од 1 до 7 јули, футсал, ракомет и одбојка и во Струга од 4 до 9 јули најдобрите во шах и кошарка.

- На камповите ќе бидат застапени практични тренинзи но исто така и теоретски предавања, а ќе бидат збогатени и со учество на спортски ѕвезди кои ќе помогнат во реализација на активностите, рече Ристовски.

На учесниците, тој, им посака успех, добра забава и фер-плеј.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски посочи дека одржувањето на вакви кампови е важен сегмент кој осигурува правилен развој на младата генерација и претставува битен чинител во борбата со пороците во современото живеење.

- Преку ширење на спортската култура во училиштата уште од најмладата возраст се создава предуслов понатаму истите тие ученици во својата интеракција со спортот која се остварува на повеќе начини на нивна вклученост во неговите текови, покрај задоволството кое ќе го добиваат од спортската изведба на тој начин тие ќе ги прошируваат и сопствените културни сознанија, рече Пујовски.

Учесниците на кампот покрај можноста да ги одмерат силите со екипите од градовите домаќини, своето искуство ќе го збогатат со посета на културно-историски знаменитости.

ФОТО: Сител

најчитано сега