Шестиот циклус „Домашна визита“ продолжува во рурални и тешко достапни средини

Министерот Никола Тодоров информираше дека од вчера започна шестиот циклус од проектот за Домашна визита, со кој е опфатена нова категорија на лица  од руралните и потешко достапните населени места.

Шестиот циклус на Домашна визита овој пат ќе опфати 36.000 лица кои што живеат во тешко достапни рурални средини, во период од два месеци, а посебен фокус ќе бидат постарите лица.

Денеска патронажните тимови одат во населените места Добрево, Лесново и Древена во регионот на Пробиштип, селата Корошишта и Шум во струшко и во селата Мождивњак и Конопница во регионот кој го покрива Здравствен дом Крива Паланка.

-Посетите ќе ги извршуваат обучени сестри од патронажните служби од Здравствените домови од цела Македонија и тие имаат обврска секојдневно да ги посетуваат постарите, хронично болните лица, лица кои доколку е потребно се упатуваат на повисоко нивно на медицинска заштита, истакна Тодоров.

На терен ќе бидат 300 обучени тимови од цела Македонија кои што ќе извршуваат прегледи и ќе даваат совети.

-Посетите се организираат според информациите од системот „Мој термин“ , а пред да дојдат во домот патронажните тимови се најавуваат телефонски еден ден порано и истите ќе се спроведуваат од 10 до 14 часот истакна министерот.

Проектот Домашна визита се реализира во рамки на програмата „Здравје за сите“ со кои до сега биле опфатени над 50.000 постари лица со хронични болести, како што се респираторни, кардиоваскуларни болести, или дијабет.

-Акцијата е во согласност со препораките на Светската здравствена организација, за примарна и секундарна превенција за кардиоваскуларни болести и токму затоа е вклучено и мерење на крвен притисок и гликемија со цел подигање на свеста за потребата од контрола на здравјето и акцентот на посетите на патронажните сестри е ставен на советување на примарна превенција, совети за редовна контрола кај матичен лекар, совети за здрава исхрана, за редовно земање на препишаната терапија, за умерена физичка активност и слично, додаде Тодоров.

 

Потенцира дека поради зголеменото ниво на шекер во крвта посетените лица се советувани да направат преглед за да се утврди дали има евентуално оштетување на органи односно да направат ЕКГ, преглед на функцијата на окото и бубрезите.

- На пример, во Куманово од посетените лица околу 2,5 отсто не знаеле дека имаат зголемено ниво на гликемија. Во истиот регион околу 2,7 отсто од посетените лица имале зголемен крвен притисок, а околу 12 отсто (од вкупно посетените лица) имале мускулно-скелетни проблеми. Во Делчево бил детектиран пациент со многу високи вредности на гликемија и истиот бил веднаш упатен во Итната медицинска помош, а потоа препратен во болницата во Штип, истакна Тодоров.

Од друга страна, укажа министерот, во Охридскиот регион во Центарот за дијабетес се регистрирани околу 6.000 пациенти со дијабетес и токму затоа сите посетени лица биле со добра гликемична контрола.

Но, во тој регион биле детектирани повеќе пациенти кои знаеле дека имаат зголемен крвен притисок, земаат лекови, но сепак имаат незадоволителна регулација на притисокот и токму затоа биле советувани да се јават кај матичниот доктор, или доктор-интернист за да се интензивира или зголеми дозата на постојната терапија.

- Исто така во охридскиот регион, детектирани се пациенти кои имаат потврдена астма, кај помал дел од нив се влошени симптомите (меѓу другото и поради временските прилики) и даден е совет да се јават на пулмолог. Во Кичево од вкупно посетените, околу 20 отсто од нив имаат ново откриена хипертензија, поради што се упатени кај матичните лекари за терапија. Новооткриени пациенти со дијабетес во овој регион биле околу 3-5 отсто, а новооткриени пациенти со зголемени нивоа на маснотии околу 2 отсто, рече Тодоров.

Тододорв истакна дека токму поради позитивните резултати и искажаниот интерес, е одлучено да се прошири оваа акција со повозрасната категорија на граѓани од рурални подрачја, со ставање на силен акцент на превенцијата која е многу значајна за подобрување на севкупната состојба на здравството.

 

 

Оцени ја веста

06.03.2015 - 20:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега