Македонец си ја напаѓа државата странец ја брани - скандалозно однесување на директорот на ЗНМ во Европарламентот

-Директорот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), извесен Драган Секуловски, денеска во Европскиот парламент официјално се жалеше на ситуацијата со медиумите во Македонија, вадејќи го дури и прашањето за затворената А1 телевизија во рамки на тркалезната маса насловена “Правниот аспект на слободата на медиумите на Западниот Балкан” во организација на Поткомитетот за човекови права на ЕП, пренесува МИА.

Како што објавува МИА, директорот на ЗНМ, во Брисел ја ставил на тапет својата држава пред евробирократите, жалејќи се на, според него, лошата состојба на медиумите во нашата земја, а од неговите обвинувања Македонија ја бранеа пратеникот Илија Димовски и известувачот од Европарламентот, Ричард Ховит.

Потенцирајќи дека ситуацијата со медиумите во Македонија е „гладна“ за подобрување, Секуловски од ЗНМ ја потенцирал лошата состојба на ранг-листите на органзиациите како „Репортери без граници" и „Фридом Хаус". Тој цитирал дека Македонија е "делумно слободна земја" и почнал да ги набројува причините:

- Најголемата приватна ТВ-куќа (А1), со се три дневни весници кои се сметаа за критички кон Владата, беа затворени со официјално образложение за злоупотреба на даночните обврзници, но чудно е што Владата не најде механизам за да се спречи затворањето на неколку критични мејнстрим-медиуми, што резултираше со тоа голем број новинари да ја загубат работата, ќе рече правникот Секуловски во име на новинарите од Македонија без да знае или намерно да заборави дека за криминалот со медиумите на Велија Рмаковски има судски пресуди.

Секуловски продолжил да зборува и за тоа што Советот за радиодифузија ја одзел дозволата на телевизискиот канал "А2", а тој изрази и сомневање дека промените во сопственоста на медиумите според законот минатата година ќе донеле поголема независност на медиумите.

-Својата тирада против државата Македонија, директорот од ЗНМ ја продолжи со обвинување дека Владата во Скопје преку владините реклами, што според него биле "без никакви критериуми и често во спротивност со јавниот интерес" и дека "скапите кампањи се произведуваат и емитуваат главно во ‘пријателски’ настроените медиуми". Без да каже дали владините кампањи спасиле медиуми од економски крах, Секуловски констатира дека со ова всушност "се нарушил медиумскиот пазар и многу често се наметнувала политичка пропаганда и влијаеле на уредувачката политика на медиумите", пишува МИА.

Директорот на ЗНМ се осврнал и на настаните од 24 декември 2012 година, потенцирајќи дека новинарите биле избркани од Собранието при носењето на буџетот со користење на сила.

- Овој чин ја спречи јавноста да добие објективни информации и спречија новинарите да ја вршат својата работа, што ЗНМ го виде како чин на цензура. Досега, ЗНМ има поднесено неколку жалби до релевантните национални институции, но случајот се уште останува нерешен и одговорноста не е утврдена, а како резултат на овие настани, институционалниот дијалог за подобрување на ситуацијата со медиумите меѓу ЗНМ и Владата е ставен на чекање, истакнал Секуловски, без да спомене дека веќе е формирана Експертска комисија што ќе ги утврди фактите за тие случувања, пренесува МИА.

-Директорот од ЗНМ го спомена, но во негативна смисла, и новиот Закон за декриминализација на клеветата и навредата, бидејќи според него (а, се повика на Советот на Европа), овој закон бил "точка за загриженост". Се разбира, Секуловски остро го нападна и предлог-законот за регулирање на медиумската состојба во Македонија, потенцирајќи дека е неопходно да се подобри законската рамка надвор од законодавството за медиуми, пишува МИА.

- Клучните проблематични области се недостатокот на спроведување на Законот за работни односи и потребните суштински преговори меѓу работодавачите и медиумските работници, за да се дефинираат меѓусебните права и обврски, потребните промени во Изборниот законик што ќе спречи медиумите да бидат донатори во кампањите на политичките партии, целосна имплементација на Законот за пристап до информации од јавен карактер и Законот за авторски права за создавање поволна средина за ефикасна саморегулација во медиумската заедница во Македонија, рекол Секуловски.

Единствената позитивна критика за неговата земја, директорот на ЗНМ ја дал на почетокот на совјот говор каде посочи дека Уставот на Република Македонија бил многу либерален во однос на заштитата на слободата на печатот, а дека членот 16 ја гарантирал слободата на изразување и ја забранува цензурата.

- Законот за декриминализација на клеветата и навредата што беше донесен во Република Македонија е еден од ретките во Европа, што го немаат ниту некои држави од Европската унија. Поради истиот овој закон, во нашата земја се стопирани постпаки во 525 случаи за клевета и навреда против новинари, а лани Советот за радиодифузија спроведе сериозни постапки за отфрлање на можноста за нелегална концентрација на сопственоста на медиумите што заврши успешно, возвратил пратеникот Димовски, пренесува МИА.

Потенцирајќи дека предизвик за Македонија е слободата на меидумите, пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го потенцирал покренатиот процес за носење на закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги во кој се вклучени сите релевантни асоцијации.

- Последните месеци, Министерството за администрација и информатичко општество на два пати драфтираше предлог-закон, а Владата побара официјално мислење од Советот на Европа и ОБСЕ. По дадените 380 забелешки, повеќе од една третина беа внесени во вториот драфтиран предлог од пред десетина дена. Со овој закон ќе се гаранатираат правата на новинарите и ќе ја стимулира саморегулацијата во новинарската фела, потенцирал пратеникот Димовски.

По неговиот настап, известувачот за Макеоднија од Европарламентот, Ричард Ховит зел збор и забележал дека ужива што на оваа конференција во законодавниот дом на ЕУ има превод на македонски јазик, а потоа посочил:

- Владата на Република Македонија има вистински напредок во длеот со медиумите, имаше јавна расправа и дискусија со новинарите за новопредложениот закон. Тоа го поддржав, а се надевам дека Анкетната комисија за испитување на настаните од 24 декември објективно ќе го разгледа и прашањете со новинарите, потенцирал Ховит.

Оваа конференција во Европскиот парламент е дел од таканаречената “Спик ап“ недела за слобода на медиумите на Западниот Балкан, која се одржува во Брисел, а продолжува утре во Европската комисија, каде од Македонија ќе говорат министерот за евроинтеграции Фатмир Бесими и претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаушидис. 

најчитано сега