Полошко-кумановската епархија се дели на два дела

Светиот Синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на денешната седница одлучи да ја подели Полошко-кумановската епархија на два дела.

Согласно едногласно упатениот предлог од страна на Архиерејскиот епископско-црковно народен собор Полошко-кумановската епархија се дели на Кумановско-осоговска православна епархија со седиште во Куманово и Тетовско-гостиварска православна епархија со седиште во Тетово.

Исто така, беше утврдена и програмата за одбележување на 1700 годишнината од Миланскиот едикт и 1150 годишнината од Моравската мисија. Централното одбележување на овие два јубилеја ќе се одржи на 29 септември 2013 година во катедралниот храм Света Софија во Охрид.

По повод 50 - годишнината  од осветувањето на првиот храм во Американско-канадската епархија, Синодот денеска одлучи на црковната општина Свети Петар и Павле во Краун Поинт да и додели орден на Свети Климент Охридски од Прв ред.

Синодот денеска ги прифати годишните извештаи на епархиите на МПЦ како во Република Македонија така и во дијаспората. Исто така, посебно внимание било посветено и на  дејноста на воспитно образовните институции на МПЦ-ОА, како и на другите црковни органи и тела.

ФОТО: commons.wikimedia.org

најчитано сега