ГДОМ одржа трибина во Кавадарци

Граѓанското движење за одбрана на Македонија вечерва одржа трибина во Домот на културата во Кавадарци.

Универзитетската професорка Виолета Ачковска во своето обраќање истакна дека треба цврсто да се застане зад македонското национално единство и оти позадината на сето она што се прави е разнебитување на македонското национално ткиво.

- Тоа сакаат и сега да ни го направат со целата оваа трагикомедија која се случува од оваа бескрвна и безидејна опозиција. Позадината на сево ова што се прави е многу страшна. Тотално разнебитување на македонското национално ткиво, рече Ачковска, додавајќи дека е многу полесна одбраната од надворешниот, отколку од внатрешниот непријател.

Како граѓанско движење, додаде Ачковска, сметаме дека сите политички борби треба да се одвиваат во Парламентот.

- Треба да се почитува волјата на граѓаните на Република Македонија. Тие знаат да наградат и да казнат. Народот не греши, мудар е и не дозволува никој да си игра со него, рече Ачковска.

Таа изрази надеж дека во опозицијата ќе се најдат чесни луѓе кои ја сакаат Македонија.

- Сето ова прислушување би било смешно доколку не е смислено за да го наруши угледот на нашата држава и да ја направи ранлива, додаде таа.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов истакна дека секогаш кога била загрозена безбедноста на Македонија, кавадарчани знаеле да ја изберат вистинската страна и да застанат во одбрана на својата татковина.

- За жал, Македонија е повторно нападната, пред се од внатрешни шпиони и предавници во соработка со странска служба и со сериозна поддршка на платениците на СОРОС, рече Пандов.

Тој оцени дека Македонија има среќа што на чело на државата во моментот е премиерот Никола Груевски и оти трибините што ги организираат се доказ дека народот го знае вистинскиот пат.

Според актерот Тони Михајловски, многу пострашно е тоа што земјата е нападната одвнатре. -  Како народ најмногу сме пателе од сопствените злостори. Реченицата на Гоце Делчев дека не видел народ кој толку пател од домашните злостори како македонскиот одамна не била поточна, рече Михајловски. 

На другата страна, додаде Михајловски, имаме докажани кукавици и предавници. Во деведесетите го предадоа името, веднаш потоа знамето, а со самото тоа го предадоа и народот.

Побара да се објават, ако има снимени разговори, кои ќе ги откријат тајните за атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров  и за смртта на Борис Трајковски.

 

Во Граѓанското движење за одбрана на Македонија членуваат историчари, научници, професори, новинари, глумци и други интелектуалци. 

ГДОМ досега одржа трибини во неколку градови во Македонија, меѓу кои, Битола, Велес, Штип, Куманово..

 

 

Оцени ја веста

26.02.2015 - 22:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега