Најдобриот македонски ракометар Лазаров утре ќе биде претставен како ново засилување на Барселона

Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров од денеска е во Барселона каде што утре напладне ќе биде официјално претставен пред шпанската јавност како нов член на првакот на Шпанија и второ ново засилување по Никола Карабатиќ.

Лазаров вели дека Барселона била негова голема желба уште кога бил дете и дека очекува успешен период во овој клуб.

- Мислам дека тоа е чекор напред, мислам дека напредувам. Што се однесува до тимот ќе имаме респектабилен тим и се надевам дека она што го посакувам веќе подолго време во наредните две години ќе ми се оствари. Во Барселона секогаш целите се високи, па така со тимот кој што ќе го имаме ќе претендираме за највисоки дострели. Со овој трансфер добив јас, доби Македонија. Ако до сега сум имал страст и посветеност, мислам дека сега мојата желба и страст ќе биде уште поголеми да постигнувам уште поголеми резултати, истакнува Лазаров.

ФОТО: Ерепортер