Македонски пратеници на семинар за национална безбедносна политика во Германија

Македонски пратеници на чело со потпретседателот на Собранието Сузана Салиу, од денеска до 26. април ќе учествуваат на Семинар за национална безбедносна политика наменет за пратеници во Гармиш-Партнекирхен, Германија.

Целта на семинарот е да се воспостави стратешка комуникација со парламентарните институции во областа на безбедносната политика и да се зајакнат капацитетите за нивно вклучување во стратешкиот дијалог, развој и имплементација на националните безбедносни и одбранбени стратегии, да се идентификуваат, појаснат и расветлат институционалните улоги и мисии, како и да се поттикне транспарентноста на одбранбените планови и политики.

Семинарот вклучува предавања, дискусии и интеракција меѓу пратениците и предавачите за прашања од областа на меѓународната безбедносна политика: регионалната безбедносна соработка, парламентите и реформата на безбедносниот сектор, владеењето на правото, НАТО процесот на пристапување, трошоци и бенефиции, одговорноста на парламентот пред населението, регионалната економска безбедност, улогата на парламентот во буџетот за одбраната и неговото планирање i во спротивставувањето на заканите во 21. век: криминалот и корупцијата.

Салиу и пратениците Марјанчо Николов, Тони Трајановски, Ивон Величковски, Цветанка Иванова, Марија Рашковска, Орхан Ибраими, Сафет Бишевац, Тања Томиќ, Димитар Стевананџија, Косана Николиќ Мазнева и Вјолца Мехмети-Нуредини, ќе учествуваат на покана на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“, во  соработка со амбасадата на САД во Македонија.

најчитано сега