Аврамопулос ќе зборува за спорот за името во Брисел

Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос денеска во Брисел ќе се сретне со американскиот државен секретар Џон Кери, на маргините на пролетниот самит на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО.

Иако не е официјално потврдено, сосема извесно е дека двајцата шефови на дипломатии, меѓу другото, ќе разговараат и за прашањето за името, со оглед на тоа што на агендата е и ситуацијата во Југоисточна Европа.

Во меѓувреме, сите грчки медиуми ја пренесоа вчерашната реакција на Аврамопулос на пролетниот извештај на Европската комисија за Македонија во која тој вели дека „во периодот опфатен со извештајот Македонија назадува и во земјата има демократски дефицит“.

Под наслови „Процесот на пристапување на Скопје кон ЕУ доведен во прашање“ и „Не треба да има отстапки од критериумите за Скопје“ медиумите во целост ја објавуваат изјавата на министерот за условот за добрососедски односи, дека „односите не само што не се подобрени, туку проблемите продолжуваат да постојат и се дополнително влошени“.

Советот на министри на Европската унија вчера ја одложи за јуни одлуката за носење заклучок дали да се прифати препораката на Европската комисија за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија. 

ФОТО: DW

најчитано сега