Звер организираше македонско-словенечка вечер во Мисијата на Македонија при ЕУ
Пратеникот во Европскиот парламент, Милан Звер, синоќа во македонската Мисија при Европската унија во Брисел организираше македонско-словенечка вечер на пријателство.
Со звуците на словенечката песна изведена од перкусионистичко-вокалните мајстори од оваа земја-членка на ЕУ, но и со традиционална македонска храна и пијалок, стотина видни личности од европската престолнина и Македонци и Словенци во Белгија уживаа во дружењето.
- Како што ние луѓето имаме потреба од пријатели во секојдневниот живот, исто е и со земјите. Многу ми е драго што Македонија и Словенија успеаја да ги одржат и продлабочат пријателските односи и пријателството што трае со децении. Нашите добри односи се рефлектираат во голем број на заеднички проекти и соработка во областа на економијата, културата и политиката. Искрено се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме заедно и како членки на ЕУ – порача европрате никот Звер на отворањето на вечерта.
Според словенечкиот преставник во Европарламентот, тој како член на делегацијата на европскиот законодавен дом за Македонија секогаш дава се од себе за да помогне нашата земја поскоро да ги започне преговорите за членство во Унијата.
- Македонија и Словенија не се големи земји, но нашите култури се богати. Нашите две земји имаат поминато векови под странско ропство, но никогаш не се заборавени, ниту се откажале од својат акултура и јазик што го претставува нашиот идентитет. Ова е многу важно и тоа ни дава основа за иден развој на нашите народи - додаде д-р Звер.
На традиционалната македонско-словенечка пријателска вечер присуствуваа и македонскиот и словенечкиот амбасадор при ЕУ, Андреј Лепавцов и Генорио Радо, при што во зенитот на вечерта, првиот човек на Постојаната мисија на Словенија при Унијата и се фати за микрофон за да отпее неколку македонски и словенечки песни.
Како што на крајот на вечерта забележаа присутните, ова е веќе традиционална пријателска културна вечер на Македонија и Словенија.