Прилеп се подготвува за 14. меѓународен карневал „Прочка“

На претстојниот 14. меѓународен карневал „Прочка 2015“ во Прилеп се очекуваат повеќе од 1.000 учесници во групни и поединечни маски од земјава и од странство, информираше на денешната прес-конференција Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа, која со Здружението „Мечкари“ е организатор на карневалот.
 
Таа нагласи дека се очекува богата програма и многу гости од земјава и странство. Најавени се гости од Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија, прв пат од Сардинија и од Турција, како и од повеќе градови од Македонија, Бегниште, Кавадарци, Куманово, Куратица, Ратево, Мокриево, Струмица. Според неа, и Гете Институтот ќе се претстави со групна маска од 140 учесници-ученици кои го изучуваат германскиот јазик од повеќе градови.
 
- Очекуваме да бидат изложени над 500 оригинални и инвентивни  маски изработени од најразлични материјали, волна, коноп, црпки, тикви, пченка, ориз, направени со комбинирани техники. Со оваа изложба учениците од прилепските средни и основни училишта ја покажуваат својата умешност, создавајќи творби во духот на традицијата, вели Ристеска.
 
Според програмата  в петок е традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“, направени од учениците од прилепските основни и средни училишта.
 
Свеченото отворање на изложбата ќе биде в петок  во 12 часот во ЦК Марко Цепенков каде ќе бидат доделени и наградите од стручното жири.
 
В сабота во центарот на Прилеп  за доброто предкарневалско расположение ќе се погрижат жонглери, куклари, кловнови и живи статуи .
 
В недела е главната манифестација, кога ќе се одржи дефилето на маските на булеварот „Гоце Делчев“.  
 
Дефилето започнува со прилепски мечкари, тривековна традиционална маска иницирана од касапите кои ги негуваат старите обичаи. Пред илјадици граѓани и гостите од FECC мечкарите ќе го изведат ритуалот со кој се бркаат злите духови во очекување на плодна и бериќетна година. По нив следуваат мажоретките кои ќе го предводат шаренилото од маски и креации, а за најдобрите од нив жирито ќе им додели награди. Наградите се доделуваат во неколку категории и тоа: традиционална, современа групна маска, како и за самостојна маска, изјави Ристеска.
 
Според Ристеска прилепскиот карневал е културна манифестација, заснована врз една стара традиција на касапскиот еснаф со единствени белези претставува врвна туристичка атракција.
 
За Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Мечкари“ радува фактот што в недела ќе има гости прв пат од Италија и Турција.
 
Мечкарите ја имаат традиционалната маска на која само се додаваат некои нови ситни елементи, а на карневалското дефиле в недела го очекуваме и претседателот на асоцијацијата на европските карневалски градови. В понеделник традиционално касапите и „мечкарите“ се собираат на манастир на традиционален посен ручек со грав со што се заокружува карневалската традиција на „Прочка“, вели георгиев.
 
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески ги покани сите да дојдат в недела на гости, зашто, потенцира, карневалот е една од најголемите туристички атракции.
 

 

Оцени ја веста

19.02.2015 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега