Потпишан Меморандум за соработка во заштитата на животната средина помеѓу Македонија и Србија
Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири во рамките на денешната втора заедничка седница на Владите на Република Македонија и на Република Србија одржа билатерална средба со српскиот министер за земјоделство и заштита на животната средина Снежана Богосављевиќ Бошковиќ.
Како што соопшти неговиот кабинет, на средбата се потенцираше успешноста на досегашната билатерална соработка во областа на животната средина, која се потврди и со потпишување Меморандум за соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Министерството за земјоделство и заштита на животната средина на Република Србија на полето на одржлив развој и заштита на животната средина.
- Министрите заклучија дека досегашната соработка е добра, но има многу можности за соработка, размена на искуства и прекугранични проекти. Во насока на операционализирање на билатералниот документ, во најблиска иднина се очекува од двете страни изготвување на двегодишна програма за работа во сферата на интегрирано управување со водите, квалитет на воздух и климатски промени, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа