Тодоров ќе дели казни: Директор не е човек кој седи во кожна фотелја
По извршениот вонреден инспекциски надзор во петокот, од 14 до 15:30 часот, во однос на почитувањето на работно време на вработените во повеќе јавни здравствени установи констатирани се повеќе неправилности. Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Џевџес Шаќири вчера информираше дека било забележано доцнење и отсуство на доктори и директори.
Министерот за здравство Никола Тодоров смета дека вината за неправилностите е на терет на директорите.
-Да се биде директор не значи да се седи во кожна столица туку да се биде пример за вработените. Доброто однесување на директор е добар пример и за вработените, но негативниот исто така е негативен пример за докторите, вели Тодоров.
Тодоров информира дека директорите кои потфрлиле во работните обврски, ќе бидат повикани на разговор во Министерството за здравство, а потоа, доколку нема соодветна причина за отсуството од работа, за директорите ќе следуваат парични казни.
Министерот истакна дека директорите се должни да поведат дисциплинска постапка кон вработените кои биле отсутни за време на инспекцискиот надзор.
Од МИнистерството за здравство потсетуваат дека директорите треба да го известат Министерството секогаш кога отсуствуваат поради семинар или друга причина.