Средба Иванов-Котромановиќ: Хрватска активно го поддржува членството на Македонија во НАТО

Претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретна со хрватскиот министер за одбрана Анте Котромановиќ, кој од вчера престојува во посета на Македонија. 

На средбата е изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу двете држави на билатерален и на мултилатерален план, особено во сферата на одбраната и регионалната соработка.

Претседателот Иванов, како што информира неговиот Кабинет, ги поздравил досегашните заеднички ангажмани во интегративните процеси во рамки на Јадранската повелба и додал дека реформите и мерките што се преземаат за унапредување на стандардите во сферата на одбраната само ја потврдуваат стратешката цел на Македонија за членство во НАТО.

Иванов ги истакнал напорите за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка во сферата на одбраната, преку реализација на конкретни проекти и заеднички активности.

Хрватскиот министер нагласил дека Хрватска континуирано и активно го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, потенцирајќи дека таа ги исполнува стандардите и високите критериуми за целосно членство.

Двајцата соговорници размениле мислења и информации за состојбите во регионот и разговарале за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на двете држави и на земјите од регионот во поглед на соочување со заканата од насилниот екстремизам и радикализам. 

 

 

Оцени ја веста

10.02.2015 - 12:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега