Тревога во Брисел поради егзодусот на Албанците на Косово

 

Европската унија е загрижена поради зголемениот број на државјани на Косово кои илегално влегуваат на територија на ЕУ. Во последните два месеци се проценува дека Косово го напуштиле повеќе од 50.000 луѓе, што значи дека на Косово секој месец исчезнува речиси по еден град. Оваа ситуација особено ги погодува Унгарија, Германија, Австрија и Франција, каде што завршуваат најголем број од емигрантите од Косово.

Според проценките на ЕУ, од Косово за ЕУ илегално влегува најголемиот број емигранти отколку од Сирија и Авганистан заедно. Дури 40 проценти од вкупните илегални влегувања на територија на ЕУ во декември биле направени од жители на Косово, а тој број дури и се зголемил во јануари годинава.

- Секако дека сме многу загрижени поради тоа што Косово е мала држава, каде што нема војна. Ова е голем проблем за нашите земји членки, а ќе биде дополнителен проблем и за Косово затоа што речиси сите ќе мора да се вратат. ЕУ државите сметаат дека Косово е сигурна држава, а тешката економска ситуација не е причина за добивање азил, рекол за Јутарњи весник висок дипломат од ЕУ. Истиот извор вели дека феноменот на зголемен пораст на илегални мигранти од Косово се зголемува од јуни лани, за да добие драматични размери во декември и јануари годинава.

Косовските медиуми јавуваат дека секоја вечер од Приштина заминуваат барем по пет автобуси полни со патници кои одат до Белград, а оттаму до Суботица. Од тој град во Војводина со такси ги префрлуваат до границата со Унгарија, каде што за 250 евра по личност криумчарите ги префрлуваат преку граница на територија на ЕУ. Во Унгарија се преполни камповите за азиланти иако многу кои бегаат од Косово оваа земја не е нивна крајна дестинација, туку сакаат да стигнат до Германија или Австрија. Унгарските власти особени се загрижени затоа што меѓу нив има многу деца.

Според податоците на министерството за образование, повеќе од 5.000 денаци ги напуштиле училиштата во јануари, а се претпоставува дека со родителите емигрирале во ЕУ. Најтиражниот германски весник Билд на насловната страница во неделата предупредува на „лавина азиланти од Косово“ и објави допис кој германската амбасада во Приштина го испратила до Берлин каде што се предупредува ако трендот не се сопре, во текот на годинава Косово може да го напуштат повеќе од 300.000 луѓе. Тие предлагаат масовно и присилно враќање со посебни чартер летови и на тоа да се даде големо медиумско внимание за на луѓето да им се испрати порака дека немаат шанси да добијат азил во Германија.

ЕУ бара од косовските власти да ги засилат напорите во информативната кампања за да им се објасни на луѓето дека во ЕУ не можат да добијат азил и да ја истражат улогата на превозниците кои им помагаат на тие луѓе да стигнат до територија на ЕУ.

Како единствена причина за заминување на емигрантите се наведува тешката социјална ситуација. Невработеноста на Косово е 45 проценти, а невработенста на младите дури 70 проценти. Ваков егзодус на Албанците од Косово последен пат е забележат за време на косовската криза, но како што пишуваат косовските медиуми, дури ни тогаш тие што заминувале не ги продавале куќите и земјата, а сега го прават тоа. Косовското население според истражувањата било најоптимистичко на светот. Но, сега оптимизмот очигледно исчезнал и многу можности за подобар живот гледаат само во заминување од државата.

Се проценува дека во западна Европа живеат повеќе од 800.000 луѓе со потекло од Косово, највеќе во Германија и Швајцарија, што е половина од вкушното население на оваа земја. Во седиштето на ЕУ во Брисел предупредуваат дека овие луѓе се жртви на лажни ветувања дека можат да добијат престој во некоја од земјтие од ЕУ, но тоа е невозможно.

 

 

 

 

Оцени ја веста

10.02.2015 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега