Ердоган го објави првиот твит

 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска го објави првиот твит, по повеќе од пет години кога на негово име беше отворен официјален профил на Твитер и собра 5,7 милиони следбеници.

Во првиот твит Ердоган се изјасни против пушењето.

- Денеска е Светскиот ден за откажување од пушењето. Имајте силна волја и не и се предавајте на една цигара, напиша Ердоган на Твитер.

Државните институции и некои невладини организации во Турција го одбележуваат 9. февруари како Светски ден за откажување од пушењето иако меѓународен Светски ден без цигари е 31 мај.

Ердоган сподели и пост на хуманитарната организација „Зелена полумесечина“, која се бори против лошите навики, вклучително и пушењето. Есра Албајрак, една од двете ќерки на Ердоган во 2012 година беше именувана во Управниот совет на организацијата.

Досега на профилот „@RT_Erdogan“ беа објавувани цитати од говорите на претседателот без дополнителни коментари.

Ердоган досега не го одобруваше Твитер, а по протестите за паркот Гези во јуни 2013 година социјалната мрежа ја нарече „несреќа“, а во март 2014 година Турција го блокира Твитер со часови откако претседателот се закани дека ќе ја искорени социјалната мрежа.

 

 

Оцени ја веста

09.02.2015 - 21:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега