Иванов на 51. Минхенска безбедносна конференција

 

Претседателот на Република Македонија,Ѓорге Иванов, од денеска до недела ќе учествува на 51. Минхенска безбедносна конференција, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Светот во 2015 година, борбата против тероризмот, нерешените конфликти во Европа, со акцент на Украина, состојбата на Блискиот Исток, како и ризиците од бегалска криза, се во фокусот на годинашната конференција во Минхен.

На 51. Минхенска безбедноста конференција е најавено учество на околу 20 шефови на држави и влади, шеесетина министри за надворешни работи и за одбрана, 30 извршни директори на глобални компании и парламентарни делегации. Меѓу учесниците се германскиот сојузен канцелар Ангела Меркел, потпретседателот на САД Џозеф Бајден, претседателите на Литванија, на Естонија, на Бугарија, на Финска, на Азербејџан и на Словенија, Далиа Грибаускаите, Томас Хенрик Илвес, Росен Плевнелеив, Саули Нинисте, Илхам Алијев и Борут Пахор, холандскиот премиер Марк Руте, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер. 

На конференцијата ќе учествуваат и повеќе поранешни државници и политичари, меѓу кои поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт и поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, претставува најугледен и најреномиран форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината, со особен фокус на трансатлантското партнерство.

Република Македонија, претставена на највисоко ниво, редовно учествува на конференцијата.

За време на своето трето учество на Минхенската безбедноста конференција, предвидено е претседателот Иванов да има повеќе формални и неформални средби со дел од учесниците на собирот. 

 

 

Оцени ја веста

06.02.2015 - 09:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега