Граѓаните се дигаат во одбрана на Македонија
Група интелектуалци денеска го обзнанија формирањето и дејствувањето на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.
Професорката Виолета Ачковска, писателот Братислав Димитров, актерот Зоран Љутков, синдикалниот лидер Дојчин Цветановски, лидерот на пензионерите Драги Аргировски, музичарот Гиш, фудбалската легенда Илија Најдовски, деканот на ФИНКИ Трајанов, глумците Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски, Игор Стојчески и многу други познати јавни личности, денеска бранејки го граѓанскиот интерес жестокот се спротивставија на внесувањето на странски служби во домашните работи и на нарушувањето на приватноста на граѓаните со прислушвањето,поседувањето и заканувањето со снимени телефонски разговори, документи, фајлови и доверливи информации.
-Зборувам како историчар, како човек кој ги согледува историските процеси кои водат кон дестабилизација на Македонија доколку ние веруваме на странски сили, доколку наместо единство по клучните национални прашања на Македонија кое требаше да го покажат сите граѓани на државата, без оглед на нивната партиска провиненција, ние имаме многу тешки болни прашања за опстојување на нашиот народ, на нашата држава и нација и тие прашања секогаш треба да бидат во прв план, а не борбата за политичка власт и во името на таа борба да жртвуваме многу национални идеали, потенцираше Ачковска.
-Сакам да упатам еден повик, апел, до сите Македонци што се во Македонија, но и надвор од Македонија, на секој сантиметар и во секоја секунда да си ја бранат својата татковина и да делуваат сите според своите можности и во својот простор, и професионален и приватен, рече писателот Братислав Димитров.
-Последниве неколку дена за прв пат бев ужасно потресен за иднината на мојата земја, за мојата иднина, а и за иднината на моето поколение. Доколку е вистина дека ова се странски служби кои што ни ги поткопуваат темелите на земјата и ја доведуваат во една незавидна положба која што не сме сигурни како може да резултира на крај, јас се надевам дека не би имало црни сценарија, тоа треба од старт да се прекине и ќе ги замолам сите луѓе кои наоѓаат начин некако да помогнат во ова движење да се приклучат, истакна актерот Зоран Љутков.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа