Македонија ја згази Португалија - ракометарите одат во Данска

 Во директна пресметка за пласман на Европското првенство во Данска идната година, македонската ракометна репрезентација вечерва во „СЦ Борис Трајковски“ во Скопје ја победи Португалија со 26:19 и го задржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, четврто во последниве шест години.
 
Уште еднаш до израз дојде квалитетот на играта во одбрана на „црвено-жолтите“ кои ја оправдаа фаворитската улога и се изборија за шанса да го бранат петтото место од последниот еврошампионат.
 
Македонија водеше речиси во текот на целиот натпревар, а гостите најдобрите моменти ги имаа во вториот дел од првото полувреме кога изедначија на 8:8, но на нивната серија од 3:0, нашите репрезентативци возвратија со иста мера за на полувреме да заминат со предност од 14:10.
 
Кризни моменти избраниците на Ивица Обрван имаа и во средината на второто полувреме кога Португалците дојдоа на само еден гол негатива, но тоа беше најблиску резултатско доближување.
 
Предводници до победата на Македонија која значеше комплетен реванш за поразот на гостински терен, беа капитенот Кирил Лазаров со девет постигнати голови, Филип Миркуловски со шест погодоци и голманот Борко Ристовски со 13 одбрани.
 
Вечерашниот дуел беше последниот во 21-годишната репрезентативна кариера на Стевче Алушевски на кого му се исполни желбата со победа и пласман на Европското првенство да се прости од националниот тим.
 
Ова беше последниот натпревар од квалификациската група 1 за ЕП 2014. Покрај Македонија, пласман во Данска обезбеди и првопласираната Шпанија со максимални 12 бодови.
 
Постигнати резултати во 6.коло: Шпанија – Швајцарија 29:16, Македонија – Португалија 26:19.

ФОТО: urbantime.com.mk

најчитано сега