Започнува филмскиот фестивал „Берлинале“

 

Вечерва по 65. пат во Берлин започнува најголемиот светски филмски фестивал, на кој за главната награда „Златна мечка“ ќе се борат 19 филма.

Меѓу најголемите светски ѕвезди што ќе газат по црвениот тепих на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, покрај легендарниот Вим Вендерс, кој ќе добие награда за животно дело, се и Хелен Мирен, Никол Кидман, Кејт Бланшет, Натали Портман, Жулиет Бинош и десетици други големи ѕвезди, кои ќе бидат пречекани од илјадници фанови од целиот свет.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, за време на десетдневната програма, до 15 февруари, на „Берлиналето“ ќе бидат прикажани околу 400 филмови, од големи проекти на холивудските студија, па се до експериментални независни филмови.

Тие покрај главното натпреварување за „Златната мечка“ се поделени во програмите: Панорама, Форум, Детски и филмови за млади, како и Перспективи на германскиот филм, каде што ќе видиме и една македонска актерка. Наташа Петровиќ ќе биде дел од екипата на филмот „Еликсир“, кој е снимен во германско-австралиска копродукција. 

„Берлиналето“ се одржува во неколку кино сали низ Берлин, а главните настани се во „Сцена театарот“ на Потсдамер плац. Филмови ќе бидат прикажувани и во најголемото светско кино во „Фридрихштат Палас“.

На годишаното „Берлинале“ нема македонски филм, но на фестивалот ќе присуствуваат неколку македонски филмски работници кои што пред странските продуценти ќе се обидат да добијат поддршка за своите проекти.

Познато како место каде што акцентот пред се се става на филмот како уметност, организаторите на „Берлинале“ и годинава во својата главна програма без право да се борат за награда ги стави двата големи комерцијални хитови „Пепелашка“ со Кејт Бланшет и екранизацијата на еротскиот роман „Педесет нијанси сиво“.

 

 

Оцени ја веста

04.02.2015 - 18:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега