Ердоган се збесна - испразнет и уништен кампот на демонстрантите во паркот Гези
Турската полиција синоќа го испразни паркот Гези во центарот на Истанбул од антивладините демонстранти, пренесоа француските медиуми.
Тоа се случи само два часа откако премиерот Реџеп Таип Ердоган им даде нов ултиматум на демонстрантите да се разотидат. Полицијата употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите. Неколку лица беа ранети и уаспени.Голем број шатори, во кои демонстрантите се подготвуваа да ја минат ноќта во паркот Гези, беа уништени. Полицијата ги истера демонстрантите и од плоштадот Таксим, каде тие скандираа пароли против Ердоган.
Илјадници луѓе излегоа синоќа по улиците на Анкара, откако полицијата ги избрка демонстрантите од паркот Гези во Истанбул. Приближно 10.000 демонстранти се слеаја крај парк во Анкара, а други речиси три до четири илјади луѓе се собраа недалеку од таму, кај американската амбасада. Демонстрантите скандираа пароли со барање за оставка на владата.
Крај овие две места во турската престолнина има значително присуство на полицијата за борба со безредијата, поддржани од оклопни транспортери. Нема информации за судири.
Во Истанбул неколку илјади демонстранти креваат барикади на главната улица, што води кон централниот плоштад Таксим, соопштија руски медиуми, цитирајќи очевидци.
Откако полицијата упадна во истанбулскиот парк, еден од главните турски синдикати - Конфедерацијата на синдикати на државните службеници (КЕСК) соопшти дека за понеделник свикува генерален штрајк, посочија британски медиуми.
-Веќе одлучивме да штрајкуваме доколку во паркот се изврши интервенција, така што утре ќе свикаме штрајк за понеделник, изјави Мустафа Тургут, портпарол на конфедерацијата која опфаќа околу 240.000 членови од 11 синдикати.