Трајановски: Од Жерновски зависи дали ќе биде градоначалник или ќе се занимава само со политика

 

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски за порталот Maxim.mk зборува за неговите досегашни проекти, но и за она што му недостасува на Скопје. Во интервјуто за maxim.mk, Трајановски има совети за своите сограѓани, но зборува и за соработката со неговите колеги и од власта и од опозицијата

Трајановски вели дека иако ова му е втор мандат, тој повторно работи како да му е прв. Вели дека дури ни во текот на изборната кампања не дозволил застој во работата.

-На овие локални избори по втор пат ја добив довербата од моите сограѓани, што претставува награда за мене и за мојот тим за успешните и квалитетни проекти што ги завршивме во изминатите 4 години. Со исто темпо продолжуваме и понатаму. Мојата изборна програма за наредните 4 години  изобилува со голем број квалитетни проекти од областа на сообраќајот, комуналната хигиена, подигањето нови зелени површини, за подобрување на инфраструктурата, реконструкција на училишните згради, збогатување на културната и туристичката понуда... Јас досега покажав дека работам на терен, а не од канцеларија. Постојано сум меѓу градежниците, меѓу граѓаните, во постојана соработка. Така ќе работам и во наредните 4 години. Овде сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани кои покажуваат трпение и разбирање додека траат градежните работи, вели Трајановски за maxim.

Градоначалникот на главниот град открива дека има зацртано уште голем број проекти кои сака да ги реализира за граѓаните на Скопје.

-За наредните 4 години пред себе си ги зацртав следните проекти: изградбата на подземна сообраќајница под кејот на реката Вардар и зад Старата железничка станица, за изградба на повеќе кружни текови, проектот за проширување на булеварот Партизански одреди до Ѓорче Петров, проширувањето на улицата трета Македонска бригада, изградба на водоснабдителен систем за населените места Ченто, Стајковци, Сингелиќ и Инџиково, водовод за Шуто Оризари, изградба на нов Луна-парк, гасификација на Скопје што ќе овозможи да се намали загадувањето во градот, изградба на ски-патека на Водно и многу други... Скопје ќе добие широки и проточни сообраќајници, чисти и уредени површини, многу зеленило, ќе биде град во кој се почитува комуналниот ред и чии институции ќе претставуваат вистински сервис за граѓаните. Тоа е желбата на моите сограѓани и моја најголема заложба, открива градоначалникот.

 За проектот за автоматско регулирање на сообраќајот на крстосниците во Скопје, Трајановски вели дека е од исклучително значење.

- Реализацијата на проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје и опремувањето Центар за управување и контрола на сообраќајот се од исклучително значење за подобро и побезбедно раководење со сообраќајните текови во градот. Главните функции на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе бидат прибирање податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем на улиците, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата на јавниот градски превоз и  информирање на возачите. За таа цел, на околу 90 крстосници во коловозот ќе бидат инсталирани детекторски индуктивни јамки, кои ќе бројат и детектираат возила, ќе бидат поставени 50 камери преку кои ќе се врши визуелен мониторинг на сообраќајните текови и ќе бидат инсталирани 47 нови семафорски контролери. За меѓусебно поврзување на крстосниците, како и нивно поврзување со Центарот за управување и контрола на сообраќајот е предвидена оптичка мрежа која треба да овозможи пренос на податоците до Центарот и обратно. Со формирањето на Центарот предвидено е воведување на адаптивна контрола на сообраќајот на околу 90 крстосници. Тоа значи дека во иднина, светлосните сигнали на овие крстосници ќе работат во зависност од сообраќајното оптоварување, односно зеленото време нема да биде фиксно како што е денес, туку ќе биде променливо во зависност од бројот на возила кои поминале преку детекторските индуктивни јамки. Првите 30 крстосници кои се лоцирани во централното градско подрачје се веќе централизирани, односно поврзани со Центарот за управување и контрола на сообраќајот. Во текот на ова лето очекуваме Центарот да почне да функционира со 30 крстосници, а до крајот на годинава да се поврзат 90 крстосници. Од работата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе произлезат голем број придобивки за граѓаните на Скопје, намалување на времето на патување, намалување на времето на чекање за поминување на крстосниците, намалување на загадувањето од сообраќајот, намалување на потрошувачката на гориво, зголемување на брзината и многу други, вели Трајановски за Maxim.

ГРадоначалникот на метрополата вели дека одлично соработува со градоначалниците на 10-те скопски општини. Тој вели дека благодарение на соработката, успеале заеднички да реализираат многубројни клучни проекти.

- Соработката меѓу градоначалниците на 10-те скопски општини е одлична. Нашата соработка во изминатите 4 години придонесе за реализација на многубројни клучни проекти кои во голема мера го подобрија живеењето во градот. Станува збор за изградба и обнова на клучни сообраќајници, изградба на нови водоводни, фекални и атмосферски канализациски мрежи, за проширување на паркиралишта, уредување паркови, изградба на мостови... Убеден сум дека таа наша соработка ќе продолжи и во наредните 4 години, во интерес на нашите сограѓани. Еве, деновиве е во тек првиот циклус посети на Градот Скопје на скопските општини, на кои со моите колеги градоначалници и претставниците од општинската администрација и месните и урбаните заедници разговараме за конкретните проблеми на граѓаните и бараме решенија. Овие средби досега се покажаа како многу конструктивни и се доказ за транспарентното работење на Градот Скопје и на општините. Ја одржавме и првата средба на Координативното тело на градоначалници во новиот мандат. На моја иницијатива и во согласност со Законот ова тело се сретнува редовно, еднаш месечно. На тие состаноци разговараме за конкретни проекти, ги подобруваме и ги усогласуваме нашите активности.

Трајановски очекува добра соработка и со новиот градоначалник на Центар Андреј Жерновски.

-Како и со другите мои колеги градоначалници и со градоначалникот Андреј Жерновски очекувам да имаме добра соработка. Јас имам позитивно искуство во работата со опозициски градоначалник, а од него зависи дали во наредните 4 години ќе биде градоначалник или претседател на политичка партија кој ќе се занимава само со политика.

Скопскиот градоначалник истакнува дека граѓаните на Скопје да се грижат за поставената урбана опрема низ градот

Трајановски: Скопје е град со долга градска традиција. Граѓаните одговорно се однесуваат кон средината во која живеат и активно се вклучуваат во сите акции на Град Скопје за подобрување на градскиот живот. Заради тоа, како градоначалник сум многу задоволен од поддршката што ми ја пружаат моите сограѓани и што се придржуваат кон издадените препораки.

Градот Скопје континуирано работи на кампањи за подигање на јавната свест и сметам тоа е вистинска прилика за вклучување на скопјани. Активни се кампањите за промоција на велосипедот како алтернативно превозно средство и еве вистинска можност уште еднаш да ги повикам скопјани да ги остават своите автомобили и да користат велосипед. Скопје има одлична клима за користење велосипед, станува збор за евтино и еколошко превозно средство со кое секој поединец придонесува за почиста животна средина, а воедно поволно влијае и врз сопственото здравје.

Ги повикувам моите сограѓани што помасовно да го користат јавниот автобуски превоз и да се возат во новите нископодни и двокатни автобуси. Апелирам до моите сограѓани да ја чуваат поставената урбана опрема, клупите, корпите за отпадоци, канделабрите и новите автобуски постојки. Тие се од корист на сите граѓани, треба да ги чуваме и да не ги оштетуваме.

Работиме и на кампањите за селектирање на отпадот од домаќинствата. За таа цел, во центарот на градот поставуваме подземни контејнери кои полека ги заменуваат сивите и гломазни контејнери на градските улици и ќе овозможат селектирање на отпадот од домаќинствата. Ги повикувам граѓаните да го селектираат отпадот од своите домови, да помогнат да се намали количеството на отпад што завршува на депонија и да ја заштитат средината од загадување.

Ги повикувам моите сограѓани да се вклучат во конкурсите на Град Скопје за најголем придонес во заштитата на животната средина и најубаво уреден двор на куќа или станбена зграда. Тука е секако и конкурсот за новогодишно украсување на Скопје, а граѓаните може да придонесат за празничниот изглед на градот. 

ФОТО: Maxim

најчитано сега