ПОБРЗАЈТЕ: Награда за социјално претприемништво за младите од Македонија

Заинтересираните млади и студенти од Македонија од денеска до 22 април годинава во 18 часот на веб-страницата www.socialimpactaward.mk можат со своја бизнис идеја да аплицираат за Наградата за социјално претприемништво (Social Impact Award 2015), што годинава првпат ќе се додели во земјава.

За учество неопходно е половината од тимот кој што работи на бизнис идејата да биде составен од студенти од постоечките универзитети во Македонија и на веб-странцата да достави кратко резиме за проектот и краток бизнис план, односно што сака да се постигне со бизнис идејата, кои ќе бидат кoрисници и кои ќе бидат оние што ќе ги почувствуваат бенефитите од бизнис идејата.

По крајниот рок ќе следи процес на претселекција во кој жири комисија составена од 11 експерти од кои еден од странство ќе ги избере финалистите по што ќе бидат избрани победниците. За најдобрите три решенија во областа на социјалните бизниси Шпаркасе банка Македонија обезбеди парични награди во висина од 3.000 евра, 2.000 евра и 1.000 евра. Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат три месеци период на инкубација со менторство и поддршка во развивање на идејата и бесплатно патување во Виена.

Во рамките на програмата во текот на февруари ќе се одржат и три бесплатни работилници за развој на идеја и бизнис план во Скопје, Тетово и Штип.

- Наградата претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студенти и млади во Македонија. Се доделува во 10 европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Веруваме дека преку конкурсот ќе им дадеме можност на младите и студентите од земјава да понудат идеи и решенија во областа на социјалното преtприемништво, а воедно ќе ги поттикнеме да почнат да размислуваат за создавање сопствени социјални бизниси, изјави Антоанета Иванова од Млади инфо Интернационал, организаторот на  наградата во Македонија во соработка со Њу Менс бизнис акцелераторот во Скопје.

Проектниот менаџер и иницијатор на Social Impac Award Europe, Чезар Неага истакна дека наградата за социјално претприемништво прв пат како проект почна во 2009 година во Австрија како обид да се доближи и инспирира младата популација за креирање бизнис идеи со социјално влијание.

- Денес тоа го правиме во 10 земји и горд сум што и Македонија е дел од нашето семејство. Очекуваме годинава да бидат наградени 30 до 35 проекти, а досега се доделени награди на 60-тина од кои 66 отсто се уште финкционираат иако започнале како тримесечни проекти, а половината од нив се самоодржливи и не зависат од донации, рече Неага.

Тој посочи дека покрај во Австрија и Македонија, наградата е присутна во Србија, Чешка, Словачка, Хрватска, Швајцарија, Романија, Русија и Грција.

Бистра Кумбароска, регионалниот менаџер на Impact Hub Vienna, потенцира дека социјалниот бизнис овозможува соработка помеѓу навидум неспојливите сектори, и креира вредност не само за профитно ориентираните бизнис умови, туку и за локалната средина и сите учесници во производниот циклус.

- Наградата за социјално претприемништво претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија. Претставените идеи во рамките на програмата имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво. Целта на програмата е да се зголеми интересот меѓу младите за оваа област како и да се поттикнат да размислуваат за создавање социјални бизниси како можност за развој на сопствена кариера, посочи Кумбароска.

Таа нагласи дека се надева оти натпреварот ќе се претвори во традиционален и преку него Македонија ќе може да се позиционира на Балканот како земја која е иновативна во социјалното претприемништво. 

 

 

Оцени ја веста

27.01.2015 - 14:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега