Со пари од ЕУ ќе се подобрува однесувањето со осудените лица
Македонија со пари од Европската унија во наредните две години ќе ги подобрува капацитетите на надлежните институции за заштита и почитување на човековите права на осудените и притворени лица и откривање на случаите на тортура и понижувачко постапување.
Тоа ќе го овозможи Проектот „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“ што ќе се реализира во рамки на Програма ИПА 2009, компонента 1 – транзициона помош и институционална надградба и треба да заврши до 30 ноември 2014 година. За негова реализација се предвидени 2,1 милион евра од кои 1,8 милиони евра од ЕУ, 100.000 евра од Советот на Европа и 200.000 евра од буџетот на Република Македонија.
Главните цели на проектот што ќе се изведува во организациските единици на министерствата за внатрешни работи и за правда се развој на професионалните капацитети на полицијата со гарантирање на целосно почитување на фундаменталните човекови права преку ефикасна и сигурна регулација, како и јакнење на организационите и управувачки капацитети на затворскиот систем со обезбедувае на целосна заштита на човековите права во лечење на притворените и осудените лица.
- За Република Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, почитувањето на основните човекови права и слободи од страна на сите институции, вклучително и од Министерството за внатрешни работи, се од суштинска важност во насока на исполнување на европските стандарди и усогласување и имплементирање на европското право во секојдневното полициско работење. Почитувањето на човековите права и слободи беше и останува осоновен принцип на секојдневното работење на Министерството, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на презентацијат ана проектот.
Таа се заблагодари за континуираната поддршка што ја дава ЕУ на Македонија, преку која, како што рече, се овозможи реализација на многубројни проекти со што на Министерството за внатрешни работи му се овозможи значителна поддршка во спроведувањето на реформските процеси, како и во подобрувањето на капацитетите.
Министерката Јанкулоска посочи дека според истражувањето на ОБСЕ граѓаните на Македонија го надминуваат европскиот процес на граѓанска доверба кон полицијата од 42 проценти.
-Во однос на прашањето за чувството за слобода да разговараат за проблемите со полицијата над 64 проценти од граѓаните дале позитивен одговор. На прашањето за доверба на полицијата и почитувањето на нејзината работа позитивен одговор дале речиси 62 проценти, појасни Јанкулоска.
Нагласи дека во изминатите години континуирано се бележи пораст на граѓанската доверба, што, како што рече, се должи на одговорниот ангажман во областа на човековите права и слободи во контекст на полициското работење.
- Конкретните и мерливи резултати не значат дека сме постигнале се што сме сакале или дека сме научиле се. Напротив, на нив гледаме само како влог кој дополнително ни дава силна мотивација да продолжиме по зацртаните насоки секако и понатаму потпирајќи се на помошта на нашите пријатели, рече Јанкулоска.
Министерот за правда Блерим Беџети рече дека поддршката од ЕУ дава поттик да се спроведат реформите во делот на правосудството во Македонија што се многу значајни за евроатланските перспективи на земјава.
- Постојното подобрување на заштитата на човековите права ќе остане и понатаму примарен приоритет за Република Македонија и во годините што следат, рече Беџети.
Нагласи дека преку проектот ќе се обезбеди поддршка во изработката на националната стратегија за пенитенцијарниот систем, ревизија на Стратегијата за здравствена заштита и подобрување на здравствената заштита во затворите, како и на управувањето со затворите и третманот на ранливите групи затовреници.
Евроамбасадорот Аиво Орав изрази уверување дека проектот ќе придонесе за подобрување на состојбите во Македонија и додаде дека поддршката од ЕУ ќе продолжи и во периодот што следи.
ФОТО: МИА
Извор: МИА