Комисијата од утре ќе го расветлува 24. декември
Конституирана е Комисијата која ќе ги разгледа случувањата во и пред Собранието на Република Македонија на 24. декември 2012 година. Претставниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската СДСМ денеска се сретнаа кај претседателот Ѓорге Иванов.
- Има голема волја за расчитување на настаните и кај едните и кај другите, рече претседателот на Комисијата, професорот Борче Давитковски.
Давитковски најави дека Комисијата од утре редовно ќе се состанува и дека ќе предложи членовите да прифатат деловник за работа во којшто ќе биде предвиден и начинот на донесување одлуки.
Давитковски рече дека станува збор за правна комисија која во рок од 60 дена треба да утврди факти без да носи политички заклучоци. Најави дека евентуално комисијата може да донесе одредени препораки за измени на, како што рече, Деловникот за работа на Собранието или одредени закони.
Членови на Комисијата што треба да ги расветлат настаните од 24 декември се Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и професорите Рената Десковска и Љубомир Фрчковски од СДСМ.